Шилегов ќе ја продава барокната Градска куќа оти нема место за цела администрација

1428

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на денешната седница на градскиот Совет, најави продажба на новата барокна зграда Градска куќа која се наоѓа на кејот на Вардар под Кале.

Ова беше една од точките на дневниот ред на денешната седница на Град Скопје.

Причината, објасни Шилегов, е што во неа нема место за сите вработени во администрацијата на Град Скопје. Тој посочи дека се правени напори објектот да се стави во функција, но по сите направени анализи за капацитетот на изградениот објект е заклучено дека само 3 петтини од вкупниот број на вработени би можеле да се сместат во него, односно само 352 вработени. 

Исто така, тој го посочи и фактот дека е крајно нефункционална внатрешноста на објектот заради неговата форма.

– Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана, бидејќи народски кажано таа е отпат и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт. И мислам дека градската куќа треба да се наоѓа на многу посоодветна локација како што и го личи главниот град и како што е стандард секаде во светот – истакна Шилегов.

На ова жестоко се спротистави ВМРО-ДПМНЕ, чиј советници уште на почеток ја напуштија седница. Советничката Ирена Попова одржа и прес-конференција посочувајќи дека пред неполна недела Шилегов негирал дека ќе се продава Градската куќа, а сега тоа се воспостави дека е точно. Таа го обвини дека не дал објаснување зошто се продава и прашува кои се мотивите за продажбата и дали однапред се знае кој ќе ја купи?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...