До јули годинава на 11 пациенти им се трансплантирани бубрези, а шестмина добиле бубрег од тројца кадавери (лица во мозочна смрт). Годишно по околу 250 нови бубрежно болни завршуваат на дијализа, а вкупно во земјата има 1500 пациенти на дијализа – изјави денеска проф. д-р Гоце Спасовски, нефролог и претседател на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи.
На листата на чекање за пресадување бубрег од кадавер се околу 100 пациенти.
– За да се зголеми бројот на операции кај овие болни секако треба да се зголеми свеста за донирање органи кај населението, па би можеле да правиме и поголем број трансплантации на бубрези. Една година направивме 41 трансплантација на бубрези, инакун просечно се вршат од 20 до 30 интервенции. Но со зголемување на бројот на операции се зголемува и можноста за компликации кај пациентите. Лекови има доволно, но треба да се подобрат условите за престој на овие пациенти – на Клиниката за урологија на пет легла има еден тоалет, а таму се хоспитализирани најтешките болни! Кога би се подобриле инфраструктурните услови, доколку постои центар кој би ги примил сите пациенти, секако дека би можеле и повеќе трансплантации да вршиме – рече д-р Спасовски.
Тој додаде дека од септември минатата година до јули годинава, за жал, изгубиле два бубрега, а од ендокардитис по направена трансплантација на бубрег, починал еден пациент.
Во МАНУ денеска почнува 6. Конгрес за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, на којшто учествуваат и експерти од регионот и Европа.
Во Босна и Херцеговина има дури 300 пациенти кои се на листа на чекање за пресадување бубрег, а дури 2.500 болни се на дијализа.
– Мора да постои поголема поддршка од државата за да има поголем број трансплантации, особено од кадавери. Така се случи во Хрватска, па оваа земја стана лидер и во регионот и во Европа по број на трансплантации од лица во мозочна смрт – изјави д-р Халима Ресиќ, претседателка на Конгресот.