Утре со почеток во 13 часот пред Министерството за животна средина ќе се одржи првиот Марш за иднината во организација на движењето за климатска правда „Петоци за иднината“ во Скопје.
Маршот ја има поддршката на О2 коалиција, Не Биди Ѓубре, Движење за Чист Воздух, Спас за Водно и уште неколку други организации, со што локалната екосфера за прв пат излегува обединета под една кауза.
Со овој историски настан ќе заврши македонското издание на глобалната Недела за Иднината, која започна минатиот петок со протест пред Владата, а во текот на оваа недела вклучи голем број акции чија цел беше потенцирање на катастрофалната ситуација со животната средина во државава.
„Одвивајќи се исклучиво по тротоарите, со цел да не придонесе за дополнителни емисии на јаглерод диоксид, маршот на „Петоци за иднината“ ќе помине покрај Собранието и ќе заврши кај Владата со уште едно потсетување на барањата на климатското движење“, најавуваат организаторите.