Во Фармацевтската комора на Македонија не добиле никакво известување од Фондот за здравство дека во аптеките за неколку месеци ќе има скенери за лични податоци на пациентите, а дека од 1 октомври лек на рецепт ќе може да се подигне само со приложување лична карта или пасош.
– Не гледам логика за издавање лек на рецепт да се бара лична карта. Постојано сме во комуникација со Фондот, разговараме за други механизми за контрола, но не и за приложување лична карта при подигање на лекот на рецепт во аптеките. Досега официјално од Фондот за здравство до аптеките нема такво известување. А во соопштението од Управниот одбор на Фондот не стои ниту дека ќе има скенирање ниту запишување на лични податоци од пациентите од страна на фармацевтите при подигање лек на рецепт во аптеките – изјави Бистра Ангеловска, претседателка на Фармацевтската комора на Македонија, а во врска со тоа кој е ставот на фармацевтите за оваа новина.
На денешниот Светски ден на фармацевтите, кој се одбележува под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите“, Ангеловска апелираше граѓаните да ги пријавуваат несаканите реакции од лековите.
– Секаков, дури и најмал сомнеж дека од некој лек се појавила несакана реакција треба да се пријави до матичниот лекар или до фармацевтот, а пријава може да се испрати и директно до МАЛМЕД (Агенцијата за лекови) на чија веб-страна има посебен простор токму за несакани дејства. Во Македонија, за жал, има многу малку пријави за несакани реакции на лековите, коишто во други земји многу почесто се пријавуваат, а кај нас тоа е спорадично. Незнам која е причината за тоа, дали лекарите и фармацевтите немаат време да ги пријавуваат овие несакани дејства до Агенцијата или можеби, што е малку веројатно, некои не сакаат да им се замерат на фармацевтските куќи. Токму од фармацевтските компании кои ги произведуваат лековите сакаат први да ги дознаат несаканите дејства на лековите – нагласи Ангеловска.