Првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, околу пладне со полициска придружба беше спроведен во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од затворот во Шуто Оризари.
Тој треба да врши увид во доказите против него.
Ова е второ спроведување на Боки 13 во обвинителството оваа недела откако во понеделникот беше донесен првпат. Тогаш, се очекуваше дека е спроведен за исказ, но доби известување дека истрагата е завршена.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски бурно реагираше посочувајќи дека се случил преседан бидејќи осомничениот бил повикан за исказ а му било доставено решение за завршена истрага. Боки 13 тогаш не сакаше да даде исказ затоа што немале увид во доказите, па прво побараа да го направат увидот,а потоа да даде исказ.
Преку соопштение, од обвинителството тогаш наведоа дека исказ на осомничено лице не е процесно дејстви што подразбира дека исказ може да се даде и во рокот кога се врши увид во доказите.
Покрај за Боки 13, истрагата е завршена и за Зоран Милески – Кичеец и за Катица Јанева. Поранешната специјална обвинителка вчера беше спроведена во обвинителството за да ѝ кажат дека истрагата е завршена. Ниту таа не сакаше да даде исказ, пред да направи увид во доказите. Тоа, заедно со нејзините адвокати, ќе го прави утре.