Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп не извршил притисок врз него за време на телефонскиот повик во јули, истакнувајќи дека неговиот шестгодишен син е единствената личност што може да го стори тоа.
– Никој не може да ми изврши притисок затоа што јас сум претседател на независна држава – им рече Зеленски нa новинарите во ОН, пред состанокот со Трамп, запрашан дали американскиот претседател извршил притисок за време на телефонскиот разговор во јули.
– Патем, единствената личност што може да изврши притисок врз мене е мојот шестгодишен син – додаде Зеленски.
Претставничкиот дом на САД вчера покрена формална истрага за тоа дали треба да се отповика претседателот Доналд Трамп поради барање странска помош за да му наштети на неговиот политички ривал Џо Бајден.
Тие го обвинуваат Трамп дека разговарал со Зеленски кон средината на летото, барајќи од него компромитирачки информации за Хантер Бајден, син на Џо Бајден, еден од кандидатите на демократите за изборите во 2020 година.
ФОТО: EPA / SERGEY DOLZHENKO