Разбиена меѓународна криминална мрежа на трговија со жени во Грција

Често жените биле принудени на проституција на околу 14 часа со десетици муштерии, со резултат да имаат сериозни здравствени проблеми.

106

Во организирана акција спроведена во саботата во Атина, грчката полиција разбила меѓународна криминална мрежа на трговија со жени, биле уапсени 15 членови, запленети над 72 илјади евра, четири автомобили, два мотори и мала количина кокаин и ослободени шест жени, странски државјанки, меѓу кои и малолетнички, жртви на криминалната организација, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролката на грчката полиција, Јоана Роѕиоку на прес-конференција детално претстави како функционирала криминалната организација, како ги мамеле жените да дадат согласност да пристигнат во Грција, но и истакна дека проценките се дека мрежата на трговија со жени била активна најмалку од 2015 во 10 јавни куќи во Атина.

– За време на акцијата беа уапсени 15 членови, а се изврши претрес на осум јавни куќи кои работеа и беа уапсени осум жени како персонал на јавните куќи. Паралелно, беа приведени 10 жени, странски државјанки и започна процес на протерување од земјата на три од нив. Шест жени, странски државјанки, беа ослободени, а од страна на грчката полиција им беше обезбедена помош и заштита – рече Роѕиоку, додека, пак, според грчките медиуми, жените жртви биле од Молдавија.

Во однос на начинот на кој функционирала криминалната мрежа, портпаролката на грчката полиција објасни дека членовите на организацијата во земја од странство пронаоѓале жени кои биле во тешка финансиска и социјална позиција и им ветувале легална работа во Грција со високи месечни примања, многу поголеми од оние во нивните земји.

При пристигнувањето во Грција им соопштувале дека ќе работат во јавни куќи, а многу често им ги одземале патните исправи, документите, но и мобилните телефони.

– Исто така, сторителите се обидувале да ја задржат контролата врз жртвите со закани, со ограничување на слободата на движење, како и со отстранување на средствата за комуникација и патните исправи. Со жртвите создале „врска на обврска“, се преправале дека постои наводен прекумерен долг, направен за покривање на трошоците за превоз и егзистенција на странските државјанки од земјата на потекло во нашата земја, на што резултат беше да добиваат сиромашни примања. На овој начин ја ограничуваа слободата на движење на жртвите и се минимизираше опасноста од нивно бегство – објасни портпаролката на грчката полиција.

Често жените биле принудени на проституција на околу 14 часа со десетици муштерии, со резултат да имаат сериозни здравствени проблеми.

Во периодот од 7 до 20 септември 2019 од работењето на јавните куќи, членовите на криминалната организација, нелегално се стекнале со 38.400 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...