„Политичко читање на улиците”

Минувајќи преку плоштадот Македонија во Скопје вие сте истовремено и антички, потомци на А. Македонски и Македонци со словенско потекло на Цар Самуил кој ја основал Охридската Патријаршија (Охридската Архиепископија), и следбеник на Јустинијан и припадник на „Гоцевата раса‘‘ и на Гемиџиите, за да по извесно време и на Мајка Тереза и што уште не.

567

Насловот на овој напис е преземен од книгата на финскиот професор Кари Палонен објавена во 1996, но може да гласи и како ‘‘Промена на власта промена на улиците‘‘ според студијата на професорот Бојан Марјановиќ од Факултетот за политички науки – Загреб, објавена во списанието Социологија бр. 4

Станува збор за феномен кој не само што не е „технички‘“ ниту пак ‘„прашање на проценти‘‘ или пак за ‘„обично ротирање‘‘ туку за проблем кој има длабока идеолошка, политичка, социолошка, идентитетска и психолошка димензија.

Проблемот со промената имињата на улиците е дел на идеолошката матрица на режимот кој го воспоставува одредена политичка структура на власт. Целта е секој кој ќе помине преку мост, покрај одреден споменик или пак по одредена улица, кога ќе пополнува одредени формулари во кои е потребно да се испише адресата или пак ќе погледне во својата лична карта или пасош,  да се потсети на идеолошката матрица на власта, односно дека станува збор за препрочитана историја или пак редефиниран идентитет. Тоа се симболи на едно владеење од кои не може да се побегне дури сте принудени дури и самите да го спроведувате. Тука се вкрстуваат политичките идеали, националната историја идентитетските супстрати, религиските определби и други вредности кои се израз на вредности на општеството во кое живееме. Минувајќи низ улиците и преку плоштадите не секојпат сте индиферентни кон тоа кои се лицата според кои се именувани улиците, чии се спомениците и другите споменични симболи покрај кои поминувате, какво е нивното значење што тие „сакаат да ви порачаат‘‘.

Во стратегијата за создавање на „новиот идентитет‘‘ промената на имињата на улиците, плоштадите или пак населбите беа израз на манипулативна политика која, сеќавањето и поимањето на историјата, сакаше да го насочи во правец на  „препрочитување на историјата‘‘ и редефинирање на идентитетот. (Пре)именувањето на имињата на улиците е единствена прилика за (пре)пишување на историјата, преобележување на светите места и личности од историјата (Б. Марјановиќ), секако според барањата на владеечката елита. Промените на имињата на улиците се извонредна можност, под паролата за дезидеологизацијата на еден предходен режим, да се пишуват „нови поглавја на историјата… за моделирање на историјата во функција на интересите на владетелите…‘‘(Б. Марјановиќ) но и синдром на самодокажување на моќта која им ја дава власта да ја наметнат својата идеолошка и вредносна матрица. „Со распоредот на улиците може дополнително да се создаде нова историска хиерархија на настаните‘‘ (Б.М.)  или нова хиерархија на личностите како симболи на едно минато, а целта е да се преобликува и создаде нов идентитет според интересите на оние кои се на власт.

Преименувањето на улиците, на градовите или пак на друг вид на населби, промената на топонимите. појавата на „нови‘‘ личности како продукт на „преиспитаната историја‘‘ од аспект на нивната улога во историските настани, не ретко служат за дефинирањето на границите на некоја држава, регион, град или населби особено кога етноцентризмот е составен дел на политиката на владеењето. Тие покажуваат  до каде и со кои имиња или симболи граѓаните треба да се идентификуваат меѓу себе и во однос со другите. Сите други вредности се во втор план.

Македонскиот народ прв пат ја имаше историската можност да именува улици и гради симболи, по победата над фашистичкиот окупатор и  создавањето на НР Македонија како државен и национален конституент на Југословенската Федерација. Именувањето на улиците и симболите беше мотивирано и имаше за цел:

  1. Да го изрази својот национален идентитет при што нај впечатлив симбол било пренесувањето на моштите на идеологот на македонското национално движење Гоце Делчев но и фактот што многу улици биле именувани со херои од Егејска и Пиринска Македонија;
  2. Да се раскине со наследство од Кралството Југославија во кое, заедно со другите националности, беше изложен на национално и социјално угнетување како и наследството кое го остави бугарската окупација;
  3. Да се изрази заедничката борба со другите народности како и со  југословенските народи;
  4. Да се изрази припадноста на светската антифашистичка борба, под чии симболи се одржа и II заседание на АСНОМ.
  5. Да се изрази радикалното раскинување и промена на класно социјалната основа на владеењето, при што, именувањето на улиците покрај и имињата на народните герои ги изразувало и работничко класниот карактер на власта. Секако дека неодминливо ако не и пресудно било влијанието на Комунистичката партија и идеологија како израз на признание на загинатите комунисти но и на еднопартискиот политички систем.   

Сепак колку год, од денешен аспект може да се зборува и за одредени пропусти или пак идеолошки монопол или разијдувања, сепак  социјалистичката власт во никој случај не може да се обвини дека го избришала националниот идентитет, до толку повеќе што се до тогаш македонскиот народ и македонската нација не биле правно признаени ниту пак имале сопствена, национална, држава. Напротив тоа е период на градење на првите национални институции и национални симболи вклучително и именување на улиците и населбите.    

Секако од посебно значење за граѓаните е прашањето колку, како поединци, можат да се идентификуваат со симболите покрај кои секојдневно поминуваат, со (пре)именуваните улици, но и колку тие промени се силни да поттикнат одредени емоции или чувства на (само)идентитет како на ниво на вредностите со кои располага единката или пак врз  системот на вредности кои владеат во општеството. Всушност, низ еден реверзибилен процес се одвива хомогенизацијата или пак раслојувањето на идентитетот на даденото општество. Минувајќи преку плоштадот Македонија во Скопје вие сте истовремено и антички, потомци на А. Македонски и Македонци со словенско потекло на Цар Самуил кој ја основал Охридската Патријаршија (Охридската Архиепископија), и следбеник на Јустинијан и припадник на „Гоцевата раса‘‘ и на Гемиџиите, за да по извесно време и на Мајка Тереза и што уште не. Ако пак преминувате преку „Душановиот мост‘‘ заради него многу лесно може да ја добиете етикетата на „Срби со говорна мана‘‘. Минувајќи го мостот, зад велелепните згради со барокна архитектура, пред вас ќе се појави монументалниот споменик на Скендер бег, овде во Скопје, наместо во Дебар, Свети Град, Модрич и Нерези или пак во Ливада кај Струга, кај што овој герој , со своите воини, ги остварил најголемите епопеји и победи над Османските султани меѓу кои и Мурат II-Освојувачот на Константинопол, но поразениот, од Скендербег во Ливада-Струшко.

Локалната самоуправа чија суштина е приближување на граѓаните во вршењето на власта се повеќе станува „феудален‘‘ посед на власта која, од позиција на „демократско прегласување‘‘ или коалициско нагодување, менува називи на училиштата кои имаат полувековни традиции или изразуваат друг идентитет,  менува имињата на симболите и на топонимите, руши споменици од 16 век или селективно обновуваат или обележуваат споменичните симболи кои многу често имаат многу повеќе културни и религиозни, отколку идеолошки вредности, се со цел да го обележи просторот и времето на своето владеење.

Културниот и национален геноцид кој го има доживеано македонскиот народ особено во периодот по Балканските војни како историско паметење е причина  повеќе за големата сензибилност кога станува збор за (и)менување на улиците и симболите кои во никој случај никогаш не биле ниту можат да се сведат на обично ротирање, проценти, а најмалку техничко или  прашање дека би било штета да се тргнат од нагрдените улици или плоштади заради потрошените пари. Станува збор за нешто многу по суштинско.                                                

         

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...