Премиерот Зоран Заев, како дел од активностите на маргините на Генералното собрание на ОН, се сретна со претседателот на Кипар Никос Анастијадес.
Притоа, како што информира владината прес-служба, премиерот Заев во разговорот ја нагласи исклучително позитивната и конструктивна улога што Кипар ја одигра во поддршката на процесот и решението на проблемот со името со Грција, и додаде дека сега, кога оваа пречка е конечно надмината, се очекува целосна и силна поддршка од Кипар во актуелната фаза од нашиот процес за членство во ЕУ, кога се очекува позитивна одлука за старт на преговорите наредниот месец.
На средбата на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше изразено големо задоволство за воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
На средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија е подготвена целосно да го прифати развојот на пријателски и сеопфатни односи со Кипар во сите области од заемен интерес, особено во делот на економската соработка, зголемување на обемот на трговијата во областите на земјоделството и прехранбената индустрија, туризмот, банкарството и финансиите и во други области.