Во седиштето на ОН во Њујорк денеска почна Генералната дебата во рамки на 74. заседавање на Генералното собрание, каде присуствуваат лидери на речиси 200 држави.
Традиционално, прв се обрати претседателот на Бразил, а потоа претседателот на САД, а собирот го отвори генералниот секретар на Светската организација Антонио Гутереш.
Претседателот на Бразил секогаш се обраќа прв иако ниту неговата земја е во Советот за безбедност, ниту е домаќин на собирот, а ниту е соодветна доколку се оди по азбучен ред. Причината за тоа досега до 1955 година. Во првите години на генералната дебата никој од говорниците не сакал прв да се обрати на останатите, а Бразил секогаш нудел нивниот претседател да биде првиот. Со оглед на тоа дека се повторувало неколку години по ред, Бразил си го „заработил“ правото да ја отвора генералната дебата.
Потоа се обраќа претседателот на САД, како лидер на земјата – домаќин. Потоа нештата малку се компликуваат, бидејќи редот на говорниците се заснова на нивото на претставниот од одредена земја, одредени префренции или други критериуми, како што е географска рамнотежа, објаснуваат од ОН. Во пракса тоа значи дека ако државата не е претставена од својот шеф, тој ќе биде на ред зад сите шефови на држави. Во случаи кога доаѓа шеф на влада, како што е случајот со британскиот премиер или канцелар на Германија, а шеф на државата е на пример, монарх, тогаш и тој/таа зборува после другите шефови на држави. Министрите за надворешни работи и други понискорангирани претставници се последни во редот.
Од говорниците се очекува да зборуваат најмногу 15 минути, но тоа е доброволно и многумина не се придржуваат до тоа. Најдолг говор на Генерално Собрание на ОН одржа некогашниот лидер на Куба Фидел Кастро во 1960 година, кој зборувал цели 269 минути. Најкусиот говор траел пет минути.
Иако заседавањето се нарекува „општа расправа“, всушност и нема расправа. Челниците можат да зборуваат за што и да посакаат, а вообичаено е тоа што е важно во нивните влади во тој момент.
Меѓу останатите, денеска зборуваат францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот на Јапонија Шинѕо Абе, претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган, а од регионот претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и претседавачот со Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ.
За време на дебатата ќе зборуваат претставници на сите 193 држави-членки на ОН, како и три земји набљудувачи. Вкупно ќе има 196 говорници, од кои само 27 жени. Во дебатата ќе учествуваат 126 шефови на држави или влади.
ФОТО: EPA / Marcelo Chello