Кацарска: Среќна сум што немаше никакви последици, Јанкулоска роди здраво и право бебе

1566

Судиката Добрила Кацарска ги отфрли како неосновани сите наводи во иницијативата за нејзино разрешување поднесена од осудената во „Тенк“ Гордана Јанкулоска, по денешното сослушување пред Судскиот совет.

– Се она што е наведено во нивното писмено барање е тотална невистина. Барем вие претставниците на медиумите следевте како течеа тие судења. Расправата, односно предметот кога се водеше првично 59/17,  беше опфатена таму и Гордана Јанкуловска. Во ниеден момент не кажа дека е бремена. Оној момент кога кажа дека е бремена и се потврди нејзината бременост во нејзин интерес Судот ја раздвои постапката. Постапката мораше да биде повторно кај истиот совет затоа што тоа е согласно судскиот деловник – изјави Кацарска, коментирајќи го поднесокот од адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Во поглед на наводите на Јанкуловска дека била дискриминирана политички, Кацарска рече дека ниту била, ниту е член на некоја политичка партија, посочувајќи дека со самото тоа не може да ја дискриминира ниту неа, ниту која било странка која била припадник на некоја политичка партија.

– Сите странки во судница кај мене се со еднаков третман – нагласи Кацарска.

Во однос на долгото траење на рочиштата и посебно на големиот број закажани рочишта, рече судијката, се повикав и на законска одредба согласно која Судот доколку не ја заврши расправата истиот ден треба да ја одложи за наредниот ден.

– Не може да дојде до прекин на  расправа заради протек на работно време што е утврдено од одредбите од ЗКП и  во судскиот деловник. Тоа го појаснив и во писмениот одговор, наведе Кацарска.

Таа истакна дека не е сеедно после 33 години докажан судски стаж да бидете повикани во  Судскиот совет.

– Морам да признам дека не се чувствував баш пријатно  и убедена сум дека во ниедна демократска земја за вакви наводи во вакво писмено барање за разрешување на судија не бил повикан судијата да биде сослушуван со саати и да се чувствува како на обвинителна клупа.  Ова е многу лоша порака што се пушти до останатите судии. Значи судиите коишто треба да работат, коишто би работеле како мене после протек на работно време секој ден да биде во судница. Значи пораката е внимавајте не судете како Кацарска, можете да бидете повикани во Судскиот совет и да се браните на некој начин – посочи судиката Кацарска.

Како што нагласи, Гордана Јанкуловска во ниту еден момент не спомнала дека е бремена.

– Тогаш јас ги држев судењата, точно и по повеќе часови, дури и во вечерните часови. Замислете нешто да и се случеше во тој период во судница, јас не би сносела никаква одговорност за тоа, не сум прекршила никаков закон, но како човек, како жена, како мајка, целиот мој живот ќе имав грижа на совест затоа што тоа се случило во судница додека јас ја водам постапката. Среќна сум што немаше никакви последици, истата роди здраво и право бебе – рече судиката.

Како што претходно јави МИА, адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната мнистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска осудена за случајот „Тенк“, денеска на седница од Судскиот совет побара разрешување на судијката Добрила Кацарска поради пристрасност во водењето на постапката.

Илиевски на новинарско прашање во однос на тоа што очекува од одлуката, рече дека нема никаква очекувања.

– Знаеме како работи Судскиот совет, имавме прилика пред неколку недели да чуеме и сегашниот градоначалник како изјавува дека му бил вршен притисок од извршната власт за да се разрешат поедини судии така што искрено еве оставам на времето да покаже, наведе Илиевски.

Нагласи и дека Комисијата за спречување на дискриминација утврдила со свое мислење дека постои дискриминација на полова и политичка припадност.

Комисијата од Судскиот совет има 15 дена да го изготви извештајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...