Бизнисмените и образовните инстиуции да најдат самите најповолно решение на проблемот со недостиг на стручен кадар со соодветни вештини, а не да чекаат владата преку субвенции и законски решенија да го решава проблемот на кадарот кој чека вработување, а не поседува вештини кои се потребни во стопанството. Ако решението е увоз на потребната работна рака тогаш Владата да овозможи тоа да се случи со дерегулација. Ова, покрај другото, беше речено на денешната панел-диксусија на тема „Стручен кадар по мерка на бизнисот“ во Стопанската комора каде што бизнисмени и експерти бараа начин како најсоодветно да се избалансите пазарот на трудот.
Претседаелот на Стопанската комора Бранко Азески смета дека во целата проблематика, бизнисмените се малку заинтересирани за системско решавање на проблемот, а решението, како што рече, е токму кај бизнисмените и нивната желба да финансираат образование на потребниот кадар.
– Нели сме пазарна економија, а ако сме,тогаш да ја оставиме Владата настрана од овој проблем зашто досега немала стратегија кон ова прашање, ниту пак некој го прашал бизнисот кога се отвораа 197 факултети и над 135 средни училиште. Да го решаваме самите ова прашање. Не очекувајте многу од наставници кои се борат со егзистенцијални проблеми да ги насочуваат правилно учениците. Треба сами да финансирате паралелки какви што ви се потребни – рече во својата дискусија Азески.
Тој побара државата да го дерегулира процесот за да можат да се увезат потребните работници.
-Тогаш и работодавачите ќе треба да дадат и високи плати за да ги привлечат работниците како во другите држави – рече тој.
Дека работодавачите се малку заинтересирани за решавање на проблемот со образованието на потребниот стручен кадар смета и професорката Никица Мојсовска-Блажески.
– Иако не се задоволни од кадарот што го добиваат од факултетите, работодавачите не се заинтересирани да учествуваат во креирањето на програмите на факултетите – рече Мојсовска-Блажевски.
Според неа, тоа се гледа и од една анализа според која 35 отсто од работодавачите сметаат дека кандидатите со високо образование немаат додадена вредност во вештините и стручноста во однос на средното образование
Мојсовска-Блажевски смета дека во иднина треба да се подобри квалитетот во образованието, а наставниот кадар не треба многу да инсистира на знаењето на учениците и студентите, туку да ги обучува на вештините како она што се предава да се примени во практиката.
– Кога почнував како професор инсистирав да го предадам целиот материјал, но како стареам осознав дека нема потреба целиот материјал да се предаде, но затоа пак е важно колку студентите имаат вештини тоа знаење да го применат – вели таа.
Таа како и Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование сметаат дека треба да се најдат начини како да се мотивираат учениците да се запишуваат во средните стручни училишта и на факултетите од кои се бара кадар.
Според Јаневска, проблем е и несоодветната уписната политика.
– Имаме 58 отсто запишани во стручно образование, а останатите ученици одат во гимназиите и уметничките училишта. Доколку сакаме да имаме стручен кадар и економски богата држава, мораме да ја смениме оваа парадигма… Единствена можност гледаме во дуалното образование. Треба да имаме и мотивиран и квалитетен образовен кадар, но и посветени компании кои ќе ги привлекуваат учениците за да ги развиваат стручните вештини. Нашата визија е 70 ученици запишани во стручно образование, а 30 во гимназиското и уметничкото – рече Јаневска.
Мојсовска-Блажевски е загрижена од незаинтересираноста на младите и што „вртоглаво“ паѓа нивното учеството во вкупната популација и за четири години нивниот процент е намален од 24 на 20, односно 420 000.
– Четвртина од нив, односно 105 илјади млади луѓе на оваа возраст се неактивни, ниту се вклучени во образованието, ниту на пазарот на трудот…. Околу половина милион граѓани на земјава се неактивно население и се неискористен резервоар, за кој носителите на политиките воопшто не сакаат да зборуваат, зашто ако тие се активираат на пазарот на труд, невработеноста ќе се зголеми. И си велат – подобро да останат неактивни, отколку да се појават како невработени. Но за работодавачите тие се таргет-група – рече Мојсовска-Блажевски.
Ирена Јакимовска, од Конфи Ангел“ смета дека работодавачите кои вложиле капитал во своите фирми мора да вложуваат и во човечкиот фактор, а не да чекаат тој да си замине од земјава.
– Кога инврестиртате капитал имате и предизвик да го решите и овој проблем. Се прашувам како дозволивме да инвестираме во нешто, а да потоа да не сме заинтересирани да добиеме поврат на таа инверстиција и да дозволуваме кадарот во кој вложувавме да си оди од државава – рече Јакимовска.
Таа даде и сопствен пример кога од 7.000 невработени во Прилеп не може да најде 15 работници кои ѝ се потребни.
Говорниците изразија загриженост од процесот на иселување на работната сила и неимплементирањето на законите кои овозможуваат да се создаде кадар каков што му треба на бизнисот. Согласни се дека образовните институции треба да влијаат на квалитетот на образованието, а бизнисите и младите да бидат поактивни во донесувањето на програмите и очекувањата од факултетите.