Адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на поранешната мнистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска осудена за случајот „Тенк“, денеска на седница од Судскиот совет побара разрешување на судијката Добрила Кацарска поради пристрасност во водењето на постапката.
Илиевски рече дека за време на рочиштата за „Тенк“ немало соодветни услови во судницата која била неклиматизирана, пребрзо биле закажувани рочиштата, а со тоа на Јанкулоска и било прекршенно правото на мајчинство и на породилно отсуство.
Пред членовите на Судскиот совет Илиевски посочи дека протекле информации за здравствената состојба на Јанкулоска на начин што судијката Кацарска на рочиштето на 1 јуни 2018 година јавно и без согласност од Јанкулоска изнела податоци од медицинското досие во кое се депонирани документите што се однесуваат на здравствениот статус и медицинската состојба на Јанкулоска без притоа да се исклучи јавноста. Со тоа, како што додаде, е повредена приватноста и правото на заштита на пациентите.
За време на ТВ интервју, судијката, како што рече Илиевски, изнела наводи со кои ја проблематизира валидноста на медицинската документација за бременоста на Јанкулоска.
Откако го кажа ова, од Судскиот совет му посочија дека дел од тоа што го кажа не стои во претставката.
На тоа Илиевски рече дека го нема, затоа што се случило откако го поднеле барањето.
Тој најави дека Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур има методологија за да утврди пристрасност во водењето на постапката, користејќи објективен и субјективен тест.
Јанкулоска доби шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, а Апелацискиот суд и ја намали казната на четири години.