Дали кралицата мора да избере страна?

Британската владетелка ја задржува својата политичка независност со помош на веќе воспоставената конвенција во која е предвидено дека монархот реагира само по совет на премиерот.

134
Фото: EPA/VICTORIA JONES / POOL

Си-ен-ен

Одлуката за напуштање на Велика Британија од ЕУ ја загрози политичката стабилност на земјата, а, како што стојат работите, во краен случај и кралицата Елизабета Втора треба да избере страна, иако таа се обидува да го избегне тоа.

Кога премиерот Борис Џонсон побара од неа да го одобри суспендирањето на Парламентот, таа го стори тоа без да го доведе во прашање мислењето на премиерот.

Сепак, ако се испостави дека на кралицата не ѝ било дадено детално објаснување за суспензијата, судот би можел да донесе одлука дека таа е доведена во заблуда.

Најлошото сценарио за кралицата Елизабета сигурно би било она според кое таа ќе мора сама да донесе политичка одлука.

Врховниот суд треба да преземе неколку чекори оваа недела.

Како ќе се одвиваат работите во Врховниот суд зависи од тоа колку премиерот Борис Џонсон успеа во намерата да ја придобие кралицата.

Џонсон изјави дека суспензијата е неопходна за да му се даде на Парламентот шанса за нов почеток, а на политичките партии им треба време да одржат годишни конференции.

Сепак, највисокиот суд на Шкотска не смета така, а минатата недела се зборуваше дека целта на суспендирањето на Парламентот е да се намали времето што е на располагање за да разговараат за опциите што се однесуваат на брегзит.

Кога сегашниот премиер беше запрашан дали ја излажал кралицата, тој кратко одговори: „Апсолутно не.“

– Како што реков, Врховниот суд во Англија се усогласи со нашите ставови – рече Џонсон, повикувајќи се на пресудата што во посебен случај ја донесоа судии во Лондон.

Работите, се чини, стојат поинаку, бидејќи англискиот суд остана на ставот дека нема моќ да одлучува за овој случај, кој потоа се најде во надлежност на Врховниот суд.

Единаесет судии ќе одлучат за прашањето оваа недела, а нивната пресуда ќе биде обврзувачка.

Историчарите сега се соочуваат со тешка задача, бидејќи треба да го пронајдат случајот на премиерот кој беше прогласен за виновен за заблуда на монарх.

– Владата мора да се придржува до законите. Ако премиерот го прекршил законот, тогаш тој ќе биде гонет и изведен пред лицето на правдата како и секој друг граѓанин на оваа земја – рече Вернон Богданор, професор на колеџот „Кингс“ во Лондон и автор на книга што се занимава со прашањето за брегзит во контекст на британскиот Устав.

Евентуална одлука против Владата би можела да го доведе Џонсон во незгодна позиција затоа што тој во тој случај мора да побара од кралицата да го повлече неговиот претходен совет за суспензија.

Ова, сепак, не го намалува фактот дека срамот за премиерот би значел и срам за самиот монарх.

Кралицата прави сè што може за да не излезе од рамките на церемонијалните должности и за разлика од колегите во другите монархии, како Данска или Белгија, таа не се гледа себеси како посредник помеѓу спротивставените политички партии.

Британската владетелка ја задржува својата политичка независност со помош на веќе воспоставената конвенција во која е предвидено дека монархот реагира само по совет на премиерот.

Фото: EPA/VICTORIA JONES / POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...