Јанева денеска на втор распит кај Русковска

143
Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска повторно е повикана третоосомничената за случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет“ Бојан Јовановски. Тој беше во обвинителството еден час, но не даде исказ пред обвинителите зашто немал направен увид во доказите.

По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законски утврдениот рок кога се врши увид во доказите.

Ова е втор исказ на Јанева пред ЈО за случајот „Рекет“, откако на 20 август годинава таа беше сослушана во својство на сведок, за следниот ден да биде приведена од нејзиниот дом во Скопје, а Јавното обвинителство за огранизиран криминал и корупција да информира дека ја проширува истрагата за случајот и за Јанева како третоосомничена да побара 30-дневен притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се прошири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...