Грета Тунберг до светските лидери: Ако нè изневерите, мојата генерација никогаш нема да ви прости ВИДЕО

394

Очите на идните генерации се вперени во вас и доколку одлучите да нè изневерите, ние никогаш нема да ви простиме, изјави денеска младата шведска активистка Грета Тунберг, обраќајќи им се на светските лидери во Њујорк, кои присуствуваат на Самитот на ОН посветен на климатските промени.

– Ова е погрешно. Не треба да стојам овде. Треба да се вратам во училиште, на другата страна од океанот. Ги украдовте моите соништа и моето детство со вашите празни зборови. А сепак, јас сум една од среќните. Луѓето страдаат. Луѓето умираат. Целиот екосистем се распаѓа. Ние сме на почетокот на масовно истребување. И сè за што можете да разговарате се пари и бајки за вечен економски раст. Како се осмелувате! – порача Тунберг во емотивното обраќање.

– Повеќе од 30 години науката е кристално чиста. Колку се осмелувате да го вртите погледот настрана и да дојдете овде велејќи дека работите доволно, кога политиката и потребните решенија сè уште ги нема на повидок. Велите дека нè „слушате“ и дека ја разбирате итноста. Но, без оглед колку сум тажна и лута, не сакам да верувам во тоа. Затоа што ако ја разбравте целосно ситуацијата и сè уште продолжувавте да преземете активноси, тогаш сте злобни. И јас одбивам да верувам во тоа – рече Тунберг со растрепен глас.

Таа потсети на доколку се намалат емисиите на стакленички гасови за половина во следните 10 години, тогаш човештвото би имало 50 отсто шанси да остане под 1,5 Целзиусови степени, но ризик од неповратен синџир на реакции, кој луѓето нема да можат да го контролираат.

– Можеби 50 отсто шанси е прифатливо за вас. Но, тие бројки не вклучуваат точки на пресврт, како што е дополнително затоплување скриено зад токсичното загадување на воздухот или аспектите на правдата и правичноста. Тие исто така се потпираат на тоа дека мојата и генерацијата на моите деца ќе вшмукаат стотици милијарди тони од вашиот СО2 од воздухот со технологии кои едвај постојат. Значи, ризикот од 50 отсто едноставно не е прифатлив за нас – ние кои треба да живееме со последиците – потенцираше Тунберг.

– Како се осмелувате да се преправате дека ова може да се реши со вообичаени деловни активности и со некои технички решенија. Со денешните нивоа на емисии, преостанатиот буџет на СО2 целосно ќе го снема за помалку од осум и пол години. Нема да има решенија или планови презентирани во согласност со овие бројки денеска. Бидејќи овие бројки се премногу непријатни. И, сè уште не сте доволно зрели да ги именувате нештата какви што се – оцени младата активистка.

– Вие нè изневерувате. Но, младите почнуваат да го разбираат вашето предавство. Очите на сите идни генерации се вперени во вас. И ако изберете да нè изневерите, ви кажувам – никогаш нема да ви простиме. Нема да ви дозволиме да се извлечете од ова. Токму тука, токму сега ја повлекуваме линијата. Светот се буди. И промената доаѓа, без разлика дали ви се допаѓа или не – истакна Тунберг на Самитот на ОН за климатските промени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...