Се сеќавте ли на филмот „Психо” на Алфред Хичкок (1960 година)? Снимен е според истоимената новела на Роберт Блок. Централен лик во овој култен трилер и хорор е психопатот Норман Бејтс, кого го игра Ентони Перкинс. Џенет Ли ја игра несреќната девојка Мерион Крејн, која со 40.000 долари „позајмени” од некој нејзин клиент, на пат кон својот љубовник, ќе стаса во мотелот на Норман, каде непозната „сенка” ќе ја масакрира со нож. Мора да се сеќавате на онаа прочуена сцена на убиството во купатилото.
Претпоставувам дека го знаете крајот на филмот, да не го раскажувам сега сценариото. Знаете дека убиецот е Норман, знаете дека негова жртва е и детективот кој трага по исчезнатата Мерион, знаете дека Норман ја убил и својата мајка Норма (која го „изневерувала” со друг неговиот веќе покоен татко), знаете дека Норман го препарирал лешот на Норма и „живее” со неа и со неговите мртви, препарирани птици. Убиецот на крајот ќе биде откриен, но во заплетот Норман „комуницира” со својата мајка, дури и ја храни.
Напишани се многу студии за психолошкиот профил на овој лик, граден по модел на реален сериски убиец. Се чини дека клучот на неговото ментално пореметување е во толкувањето на неговата одлука да ја отруе својата мајка, потоа да ја мумифицира и да „живее” и да „комуницира” со неа. Со текот на времето, мумифицираниот леш на Норма ќе го зароби неговиот ум и ќе ја подели неговата личност. Тој дури повремено ја носи нејзината облека и го живее нејзиниот живот. Норман живее во смртта, бидејќи е неспосособен да живее во животот.
Снимени се уште неколку верзии на овој трилер на Хичкок, а јас сум убеден дека вистински филмски потфат би било една нова верзија да се сними и во Северна Македонија – со истата предлошка, но како наш, оригинален политички трилер. И хорор, секако, бидејќи ние бездруго живееме во хорор.
Катица Јанева би била нашиот пандан на Норма. Таа го изневерува својот сопруг (својот политички партнер, во нашата верзија на трилерот) и во очите на јавноста заслужува да биде егзекутирана. Најразочаран од неверството е нашиот најпознат дрвен филозоф меѓу колумнистите, нашиот несреќен Норман, кој е патолошки (ама и на други начини) поврзан со партнерот на нашата Норма, а истовремено неутешно заљубен во неа и во нејзините клонирани нормички, на чија интелигенција се воодушевува и јавно им дели „кисчиња”.
Во оригиналната верзија на „Психо”, психопатологијата на Норман се објаснува со тоа што бил сексуално злоставуван од својот татко, а потоа со својата мумифицирана мајка живее во инцест. Не знам баш, но ете, режисерот може да размисли за елаборација на вакви мотиви и во нашиот филм, при што можат да се воведат и неповторливи еротски сцени – нашиот Норман води љубов со мумифицираната Норма, додека гледачите стискаат лајкови.
Во Хичкокивиот трилер Норман ја убива Норма (заедно со нејзиниот љубовник), труејќи ја со стрихнин. Нашиот Норман веќе ја уби Катица со тонење како када на дното не езерото. И тука, после многу перипетии (Шутка, ово, оно…) ќе дојде најинтересниот дел – Катица оживува во ликот на нашиот Норман, тој ја презема нејзината општествена ролја. Може и да се облекува во нејзината црна чипка. Како и да е, драмата во филмот произлегува од тоа што и нашиот Норман е поделена личност – тој е и Норман и Катица.
А кој ќе биде нашата Мерион, со оние спорни 40.000 долари? Парите се премалку, ама тоа сепак мора да биде нашиот Боки 13-ка. Норман ќе го измасакрира во купатилото со анџар, затоа што тој тоа го заслужува. Бидејќи овде немаме мочуриште, неговото тело нашиот Норман ќе го фрли во некој ендек крај Орешани, за во финишот на филмот злосторството сепак да биде откриено.
Кои ќе бидат оние препарирани птици од Хичкоковата верзија на „Психо”? Што знам… Нашиот Норман има обичај да препарира полуумрени автори и фанови. Па си мислам препарираните птици да бидат оние фејк борци против лажни вести и за одбрана на демократијата. Каузата им е мртва, тие самите не даваат знаци на некаков нормален живот и мислам дека нашиот Норман слободно може да ги препарира, вешто и со љубов, како што само тој умее.
И ете ти филмче. Нискобуџетно. Ние веќе живееме во него. Само треба да се сними. А кој да го знае, можеби веќе се снима, само ние не знаеме…