Зошто сум Југоносталгичар?

Затоа што никој не загледуваше во никого, никој не замеруваше на поимуќните односно на посиромашните, никој не му го береше гајлето на никого. Сите имаа. Да, другарице и другови, сите имаа

1226

Затоа што во секое семејство со четири члена и еден вработен, семејство со две деца, мајка домаќинка и татко работник со основно, средно или со високо образование, сеедно, вработениот можеше да ги плаќа сите сметки за дома, да ги школува децата, да го храни семејството, и она најважното, да не загледува во другите кои можат повеќе заради тоа што се на повисоки позиции од работникот, дека имаат повисоко образование, кога и тој со неговата плата можеше да го прати детето на школски излет во Сарај со сите нишани кои му се потребни на детето, да го испрати „Кроз Југославију“ у осмо, и за тоа да не мора да заштеди на штета на храната и сметките…

Затоа што никој не загледуваше во никого, никој не замеруваше на поимуќните односно на посиромашните, никој не му го береше гајлето на никого. Сите имаа. Да, другарице и другови, сите имаа. Впечатокот беше баш таков дека сите имаат. Штом обичниот работник може да оди на „Наше море“, на Јадран, во работнички кампови, да лечи синуси со раноутрински морски инхалации, да му купи на детето клас печена пченка на вечерна прошетка покрај морето, да седне пред бунгалов и со другарите и другареките да прави фешта со домашна или купечка сеедно и највкусното домашно сезонско мезе, „док зора не сване“, а утрото да се пече како афрички гуштер на ситен песок и да дише јодизиран озонски воздух, ондак, што поише да ви кажувам, кога у тоа „режимско“ време, ПАРИТЕ, беа НАЈМАЛИОТ проблем. А, ако сакате, ќе ви го кажам и ова: Да, во тоа време, ПАРИТЕ не беа ПРОИЗВОД, туку парчиња метални бравури, и уметнички сегменти на хартија кои служеа како средство за плаќање на услуги и прозиводи…

Сѐ додека ПАРИТЕ не ја вратат таа улога, улогата на единствената нивна намена, дека со нив може само да се плати услуга и производ и ништо друго, дека тие се само СРЕДСТВО за плаќање на услуги и производи, ќе има и војни и сиромаштија и екстремни разлики помеѓу луѓето. Сѐ додека ПАРИТЕ се најскапиот ПРОИЗВОД во која било општествена средина, во која било држава, во каков било демократски поредок или диктатура, а не СРЕДСТВО за плаќање, секој, и најглупавите политичари како Амди, Хорхе купишта самообележани меѓу нас, ќе го диктираат и квалитетот на нашиот живот. Ќе нѐ тераат да се поклонуваме пред нивните хациенди како пред храмови, да клечиме пред нивните Џипови како пред олтари, да молиме со клањања пред нивните кабинетски врати како во Џамии…

И не само заради ова, има и други сегменти, посебно кога правдата ќе ја земеме како Вистина која се појавува на кантарот во раката на Јустиција со заврзани очи каде аргументите ги става на тасовите на судската вага пред целата јавност, и се пресекува правдата, се испорачува вистината, таму каде се бришат сите дилеми, двојби и сомнежи…

Мислите дека е скапа потрошувачката кошничка, дека е скапо месото, становите, мебелот, возилата? Не бе другарице и другови. Најскап производ во демократијава, во капитализмот или ако сакате во транзицијава, се ПАРИТЕ. Знаете ли колку чини 1 денар кај извршителите? Кај Банките? Кај лихварите? Хе, кога немате пари, другарице и другови, пријателки и пријатели, сѐ е скапо, прескапо…

Ете, затоа…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...