Осомничениот Бојан Јовановски познат како Боки 13-ка денеска не даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска, поради тоа што досега немал увид во доказите против него.
Одбраната на Боки 13 и самиот тој од среда од 12 часот па во наредните денови ќе почнат да вршат увид во доказите и потоа ќе се произнесат.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски, по завршувањето на посетата кај Русковска изјави дека според него, денеска во Македонија се воспоставил еден најнегативен преседан. Тој објасни дека осомничениот Бојан Јовановски досега не бил повикан да даде исказ, а дека денеска бил повикан за прв пат да даде исказ и при тоа му било дадено известие дека истрагата е завршена.
– Не е во ред кога во истиот момент кога не знаете кои се доказите против вас да ви се дава известие за завршена истрага. Ова известие носи датум од 23.09.2019 година, ова досега не се случило во историјата на македонското правосудство. Во истиот ден да се донесе известие за завршена истрага и да се бара да се даде изјава од осомничен кој што претходно ниту еднаш не бил известен за основите на сомневања и за доказите кои што стојат против него. Ние не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење во оваа постапка. Ќе дадеме исказ, но видете ја сега нашата позиција и повредата на правото на одбрана. Во овие 15 дена ние треба да ги гледаме доказите па ќе се договориме да даде исказ. Тоа е правен нон сенс. Денеска не дадовме изјава од разбирливи причини затоа што немаме увид во доказите – рече Дуковски.
Тој ја оцени како незаконска постапката во однос на повикот на Јовановски денеска да даде исказ без да ги види доказите претходно.
– Тоа му е оневозможено, тоа е опасно голема повреда на одредбите на законот за кривична постапка. Ние ја знаеме целата вистина по кажување на осомничениот за овој кривично-правен настан и токму поради тоа сакавме да дадеме изјава, но не под вакви околности – рече Дуковски.
Во врска со здравствената состојба на Јовановски тој смета дека ситуацијата му е живото загрозувачка.
– Јовановски имал една операција за намалување на желудник, од наводно естетска причина, јас лично го осудувам тоа, но потоа имал уште две неуспешни операции за подврзување на тенкото црево. Нон стоп повраќа. Нека се смеат владетелите на правото кои велат дека можеби е труден, нон стоп паѓа и го носат во амбуланта и му даваат емулзионен раствор и со тоа се завршува. Реално не му е добра здравствената состојба, можеби сам придонел за таа состојба со таква операција – додаде адвокатот Дуковски.