Верушевски: Не обезбедував јас никакви материјали од лично име, се слеваа во СДСМ

1513

Кратко и дипломатски одговараше поранешниот разузнавач Зоран Верушевски на прашањата кои му ги поставуваше обвинителот Артан Ајро за време на денешното негово сведочење во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување.

Верушевски ниту еднаш не ги спомена „бомбите“ со тоа име, туку ги ословуваше како документација и ниту еднаш не рече дека тој ги поседувал, туку биле сопственост на партијата СДСМ каде тој бил одговорен за безбедносната политика. Првите информации за нелегално прислушување рече дека ги добил кон крајот на 2010 година, кога се вратил од Италија.

– Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа на мојот оддел… Во рамките на политичките партии се прават политички анализи, нив ги користи лидерството на партијата за своите стратешки одлуки и политики – објаснуваше Верушевски.

Тој рече дека не обезбедувал тој лично материјали, информациите не завршувале зад неговото име и презиме туку во партијата.

– Не обезбедував јас никакви разговори ниту било какви други документи на било каква основа туку сето она што се слеваше како сознание во СДСМ беше обврска за моја анализа за да може лидерството да гради стратегија. Ниту било тоа мој личен интерес ниту ми паѓало на памет да го правам тоа за мене – одговараше Верушевски на директните прашања на обвинителот дали предал разговори во СДСМ.

Во врска со двајцата свиркачи кои сведочеа дека ги изнеле бомбите од УБК, тој рече дека ги познавал бидејќи биле вработени во Управата, а тој бил директор во три наврати. Конкретно за Ѓорѓи Лазаревски рече дека контактирал со него се до 2016 г. кога ја прекинал комуникацијата затоа што давал лажни искази против него во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч“, каде беа уапсени и Верушевски и неговата сопруга.

– Каква комуникација сте имале од 2010 до 2016? – праша обвинителот.

– Тоа беше едно од повеќето лице кое доставуваше документација до партијата и таа документација беше предмет на мое внимание. Тоа лице ја започнало комуникацијата со партијата пред моето враќање во Македонија, јуни 2010 и продолжи се до 2014 година, ако не се лажам – одгововори Верушевски, а обвинителот го праша и дали тој му ги предал тие материјали од Лазаревски на Зоран Заев.

– Таквата документација беше во партијата, била сопственост на партијата, и никој не може да му ја предаде – рече ексразузнавачот и посочи дека секој лидер има стратешка одлука како да се користат докуметациите.

– Стратешката одлука на Бранко Црвенковски беше како ќе се користи таа, а со промена на лидерството на партијата лидерот си имаше право на своја стратешка одлука – посочи Верушевски.

За вториот свиркач Ѕвонко Костовски, пак, рече дека нема комуникација, но го знае како вработен кој е честит човек, добар работник, одговорен и стручен. Артан Ајро го праша и за колкав обем на материјали станува збор.

– Документацијата со голема прецизност можам да ја дефинирам се додека јас бев одговорен за неа, а тоа е до моето лишување од слобода во 2015. Што се случувало после, што се случува денес по згаснувањето на една институција која имаше надлежност да постапува и да ги чува материјалите, не знам.. Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитување. Зборуваме за после моето лишување – рече Верушевски.

Обвинителот прашуваше дали бомбите се од нелегално прислушување во УБК, а поранешниот разузнавач рече дека тоа може да го каже надлежна институција со вештање.

– Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде надлежна институција со вештачење. За политичката партија таквата амбиција не е достижна ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта – рече Верушевски.

На последното прашање дали знае колку системи за прислушување имало во УБК, тој одговори дека не му е познато.

Сленото рочиште судот го закажа за 10 октомври и тогаш повторно ќе сведочи Верушевски но ќе одговара на прашањата на обвинетите и адвокатите.

Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...