Кога купувате млеко и млечни производи не одете на кафе-муабет

Од Групацијата велат дека млекото и млечните производи треба да се чуваат на температура од 2 до 8 степени во текот на целиот пат, почнувајќи од фармата, па сѐ до трпезата.

1596

Кога купувате млеко и млечни производи не се задржувајте долго на патот до дома за да не влијаете врз нивниот квалитет, оти го прекинувате ладниот синџир на производство, транспорт и чување на производите. Ваков апел денеска упатија од Групацијата на производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора, која во наредниот период планира да организира низа активности за едукација на производителите, трговците, транспортерите и потрошувачите.

Од Групацијата велат дека млекото и млечните производи треба да се чуваат на температура од 2 до 8 степени во текот на целиот пат, почнувајќи од фармата, па сѐ до трпезата. Тоа важи и за индивидуалните производители кои продаваат млеко и млечни производи на зелените пазари или го дистрибуираат до потрошувачите.

– Кога одите на кафе откако сте купиле млечен производ, а производот го чувате во автомобил на сонце, ризикувате да го намалите квалитетот на млекото или млечниот производ. Посебно треба да се внимава на киселите производи од млеко и свежото млеко – информира претседатлеот на Групацијата, Ѓорѓи Петрушев.

Тој посочи и дека најчесто ладниот синџир на чување на производите од млеко го прекинуваат трговците кои на одреден период ги оставаат производите надвор од ладилниците.

– Со прекинување на ладниот синџир се крати рокот на траење на производот и се влијае на нивниот квалитет. Затоа наша цел во оваа кампања се трговците, потрошувачите, производните компании и директните производители на млеко – вели Петрушев.

За да се достигне 100 отсто квалитет како што тоа е во Европската унија од Агенцијата за храна и ветеринарство до крајот на октомври треба да ја завшат категоризацијата на фармите во кои се одгледуваат молзни крави, а Владата преку Агенцијата за поддршка да го зголеми износот на пари за поддршка на фармерите при набавка високомлечни крави.

– Тежнението е да се евидентираат фармите и да се идентификуваат одгледувалиштата кои произведуваат млеко од прв и втор квалитетт, преку субвенционирање на високомлечни крави и оние фарми кои произведуваат млеко со понизок квалитет да преминат во повисок квалитет – рече Илија Георгиев од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од АХВ тврдат дека во земјава се продаваат квалитетни и безбедни млеко и млечни производи.

Во Организацијата на потрошувачите лани поплаките за квалитетот на млекото и млечните производи биле сведени на минимум.

– Поплаките главно се однесуваа на изминат рок на производите и на нејасни декларации – рече претставникот од потрошувачката организација.

На ниво на земјата лани производството на млеко и млечни производи се намалило за 30 отсто, но затоа пак финансискиот учинок на производителите се зголемил.

На ниво на земјата постојат 5.000 производители на млеко кои годишно предаваат над 130 милиони литри млеко на откупувачите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...