Специјален или обвинител за организиран криминал, побара адвокатот на Мијалков за прислушувањето, судот одби

1542

Одбраната во случајот „Таргет-Тврдина“ бара запирање на постапката за масовното прислушување, за што изнесоа приговори оспорувајќи ја надлежноста на обвинителството. Меѓутоа, судечкиот совет одлучи дека со преземањето на предметите од СЈО, Основното јавно обвинителство де факто воспоставило надлежност и нема ништо спорно во тоа што државниот обвинител го овластил Артан Ајро да постапува во случајот.

– Имајќи го предвид фактот и законското овластување за делегирање и принципот за хиерархија и субординација на јавното обвинителство, судот цени и смета дека не е доведен во прашање легитимитетот на денес присутниот јавен обвинител. За овој предмет денеска во судница се појави обвинетелот Артан Ајро, кој добил овластување од Љубомир Јовески. Овластување имаат и обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска. Тие и во СЈО го застапуваа овој предмет, а по прекинот на мандатот сега се во ОЈО Скопје. Тоа беше главниот аргумент на одбраната зошто бараше да се запре постапката.

Имено, адвокатот на Сашо Мијалков кој е првообвинет, Љупчо Шврговски приговараше дека согласно Законот за СЈО кој важи уште една година, само тоа е надлежно за овој предмет. За тоа, рече адвокатот, има и решение на судот. Ако некој друг, пак, води ваков случај, според одбраната, тоа не може да биде обвинител од скопското обвинителство туку од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

– Корпусот на кривични дела кои се предмет на ова обвинение може да ги застапува само обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција – рече Шврговски.

Во таа насока, тој исто така посочи и оти обвинителот ја црпи надлежноста од ЗКП, каде судот има изворна надлежност.

– Ако вие како кривичен совет кој работите предмети од организиран криминал и корупција сте дел од оддел за организиран криминал на овој суд, тоа значи дека денеска треба да биде присутен обвинител од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Не може обвинител од основна надлежност да застапува такви предмети кои се во надлежност на обвинителството за организиран криминал и корупција – рече адвокатот.

Одбраната ги оспоруваше и дејствијата кој ги презел специјалниот обвинител во врска со предавањето на предметите, кои според нив се правно неиздржани бидејќи во прашање се два различни закони, тој за СЈО и тој за ЈО.

Обвинителот Артан Ајро, се спротистави на аргументите на одбраната.

– Важно е дека кривичните дела за кои се гонат обвинетите се кривични дела кои се гонат по службена должност и овластен тужител е јавен обвинител, а кој обвинител ќе дојде да постапува тоа се решава во истанците на обвинителството и во конкретниот случај тоа е решено со дадено овластување од државниот обвинител, па нема ништо спорно – рече обвинителот.

Откако судот ја прочита одлуката дела го одбива приговорот на одбраната, судењето продолжи и треба да сведочи Зоран Верушевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...