Правна држава – егзистенцијално прашање за ЕУ

За ЕУ функционирањето на правната држава и демократијата не се прашања на желба и вкус. Тоа се всушност егзистенцијални прашања, кои се доведуваат во директна врска со опстанокот на ЕУ.

208

Во услови на отсуство на посериозни анализи во западните медиуми околу актуелните случувања поврзани со проширувањето на Европската унија, можеби малку внимание на ЕУ-порталите деновиве привлече изјавата на претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, кој на лидерите на членките на Унијата им порача дека „Северна Македонија го заврши својот дел од работата, сега вие треба да го завршите вашиот“.

Сепак, како што едновремено беше забележано, Европската комисија две години по ред констатира дека Северна Македонија ги исполнува барањата за старт на преговорите за идно членство, но земји како Холандија, Франција и Данска досега се спротивставувале на тоа. Забелешките најмногу се однесуваат на реформските резултати во подобрување на владеењет на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Дали апелот на Туск може да помогне за промена на ставовите и скептичните гледишта во однос на недоволно ефикасните и половични реформски напори, останува да се види. Но прашањето има мошне поширог опсег од импликациите во однос на успоравањето на процесот на евроинтеграции на Македонија и останатите земји од Западен Балкан.

За ЕУ функционирањето на правната држава и демократијата не се прашања на желба и вкус. Тоа се всушност егзистенцијални прашања, кои се доведуваат во директна врска со опстанокот на ЕУ. Појдовна основа е фактот дека не станува збор за каква било соработка, каде што две држави даваат и земаат, но целосно сепак остануваа газди во својот дом. Европската унија е интеграциски проејкт, во чии рамки државите даваат делови од својот суверенитет и го пренесуваат на централно ниво.

Токму поради тоа прашањето околу правната држава станува егзисетнцијално. Неопходна е доверба доколку демократски држави треба да делат власта со други, како и разбирање и согласност на каков начин тоа практично да функционира. Во таа смисла, вреди да се постави прашањето во колкава мера Македонија моментно е подготвена за да може успешно да се вклучи со постепено интегрирање во еден таков систем?

Во последните години оваа проблематика постојано се изострува и добива една поширока димензија, при што не е присутна дилемата дали Унијата ќе се бори за јакнење на правната држава во оние земји-членки каде што таа е нападната, туку какви методи да се применат за таа цел.

Претходните искуства во добар дел ги потврдуваат сознанијата дека Брисел располага со ефикасни алатки за да се погрижи земјите аспиранти за членство да ги подобрат состојбите во својот двор во текот во предпристапните преговори. Но кога една земја, по приемот во полноправно членство, ќе тргне во поинаква насока, развивајќи авторитарни тенденции и ограничувајќи ги придобивките на демократијата и на владеењето на правото, камшикот на ЕУ е помалку делотворен и ефикасен.

Европската комисија ја изнесе Владата на Полска пред ЕУ-судот поради нејзините напади против независноста на судството. Се покажа дека тоа беше правилен чекор. Варшава беше принудена да ретерира. Но процесот се одвива споро и веројатно не функционира како одбрана против сите начини на кои се напаѓа демократијата.

Досега единствено уште Унгарија беше предмет на испитување според членот 7 од ЕУ-договорот, што може да се примени доколку некоја земја-членка ги крши темелните вредности на Унијата, а што во крајна линија би значело дека би можела да биде лишена од правото на глас во Советот на ЕУ. Но засега ништо од тоа, бидејќи секоја влада во ЕУ има право на вето. А Унгарија и Полска меѓусебно се поддржуваат.

Парадоксално гледано, Унгарија и Полска, кои пред три децении застанаа на чело на маршот за напуштање на комунистичката диктатура, денес имаат десно националистички и популистички влади што во силен замав ги уништуваат институциите кои се од суштинско значење за оддржување на демократијата, и тоа пред сè кога станува збор за незавиноста на правосудниот ситем и слободата на медиумите. Тоа се случува и покрај неоспорниот факт дека и двете големи владини партии во Полска и Унгарија, Партијата на правото и правдата и Фидеш, ја освоиле власта преку слободни парламентарни избори.

Новата претседателка на Европската комисија Урсула ван дер Лејен сега предлага формирање на ново правно одделение во Брисел чија задача ќе биде секоја година да прави анализи и вреднувања во колкава мера ЕУ-членките ги исполнуваат принципите на правната држава. Идејата со ова, се чини, е појасно да се засили критиката кон Унгарија и Полска врз база на објективни критериуми, за да се покаже дека не станува збор ниту за арбитрарна ниту за политизирана критика.

Очекувањата се дека едно такво набљудување и вреднување ќе биде добро осмислено. Европската комисија сака да воведе и механизам при усвојувањето на наредниот долгорочен буџет со кој ќе се овозможи блокирање на исплатите од фондовите на ЕУ на земјите-членки кај кои кои ќе бидат констатирани сериозни пропусти и кршења на основните принципи. Во Унгарија, на пример, демонтирањето на демократијата веќе подолго време се одвива по мирен пат. Судовите се пополнуваат со луѓе лојални на Виктор Орбан, а непријатните критички гласови во медиумите се замолчени така што едноставно се купени од страна на богатите пријатели на премиерот.

Дали и Македонија би била опфатена со мониторингот што го заговара Урсула ван дер Лејен, веројатно не може да се исклучи како можност. И покрај позитивните промени во последните години, очигледно е дека двете најголеми македонски политички партии и понатаму водат „исцрпувачи“ преговори зад затворени врати околу функционирањето на правото и правдата. Се очекува веројатно ЕУ да замижи и да ги признае резултатите од борбата за ослободување на „заробената држава“, кои, ако не се пробиле на светлината, стигнале барем – до средината на тунелот.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...