Граѓаните се уморни и резигнирани. Тие се незадоволни од овие што владејат, а ужаснати од помислата дека оние од коишто едвај се ослободија можеби ќе се вратат на власт, пишува Љупчо Поповски во новата колумна за Дојче веле.
Во продолжение ја пренесуваме неговата колумна:
По многу нешта општествово изгледа како да е на издишување. Таман кога помисли дека дошла катарзата кога беше урнат системот кој со железни канџи ги држеше сите структури под контрола и управуваше со сѐ што можеше да се помисли во државава (за тоа требаше да се преживее онаа крвава априлска ноќ во Собранието), еден куп работи подоцна покажаа дека тоа била само една од оние кризи (иако поголема) кои требало да се поминат. Потоа во нова катарза, па антиктатарза, па пак катарза… и најпосле во еден вид рамнодушен очај. Потклекнувањето на Катица Јанева и растурањето на СЈО беше последниот врв или дно, како сакате, кое на граѓаните им ја одзеде и последната верба надеж дека во оваа земја можело и поинаку. По ова политичарите и другите јавни личности ќе мора да направат херкуловски напор (а тоа е дел од митологијата) за да се врати довербата кај граѓаните.
На јавната сцена во овој момент се одвива една, во основа, примитивна битка на политичките елити. Во неа не учествуваат граѓаните, во неа не се вклучени невладините организации, во неа, со неколку исклучоци, стои настрана академската заедница, во неа се вовлечени медиумите поради различни интереси – тоа е битка на политичарите само за нивните интереси. Во таа битка најбезобразно што може е нападната, злоупотребена, омаловажена и навредена една цела структура на правосудниот систем – јавните обвинители. Сите се сеќаваат на синтагмата „сваровски судство“ – таа веќе влезе во нашиот колоквијален јазик – која произлезе од бомбите за да ги означи оние судии кои носеа одлуки по политички нарачки. Тогашната опозиција се трудеше да направи некаква внимателна класификација и да не ги стави во ист кош сите судии, затоа што факт е дека не може така да се генерализира. Сегашнава опозиција се обидува да го торпедира целото обвинителство и неговиот брод да потоне, иако некој од него ќе може да се спаси во потфрлените политички чамци за спасување. Вакво намерно уништување на цела структура само поради интересите на една партија и дваесетина или триесетина поранешни или сегашни врвни личности во неа Македонија не забележала. Прашање е дали оваа антикатарза е последна или и таа ќе биде само премин кон некоја друга, уште потрагична фаза.
Каде исчезна пламенот?
Точно, сосема точно е тоа што го зборуваат опозициските политичари – дека бранот на напуштањето на Македонија не запира, а можеби е и засилен. Но поради нивните егоистични интереси тие даваат лажни или недоволно точни објаснувања. Македонските граѓани се изморени од кризата, тоа може да се види од сателитите над Земјата, одлуката за бегство е неволна речиси изнудена, а не поврзана само со истражувањето на нови хоризонти. Тие се изморени затоа што политичарите ги третираат како недоветни, како малоумни, а некогаш и како имбецили. Совршено е јасно дека големата надеж, дури и преголема, со доаѓањето на СДСМ на власт беше поврзано со револуционерната еуфорија. Во голема намерна грешка се оние што оние што денес се обидуваат да тврдат дека таа еуфорија била „шарена“. Тоа беше само сегмент од сите оние што се чувствува обесправени, заробени и потчинети – голем дел и од тогашното вмровско членство. Тоа беше веројатно последниот револуционерн бунт за догледно време кога граѓаните од сите структури сакаа да ги симнат од врат политичарите милионери и бемислосните олигарси.
Многу искри од таа револуција се останати, но исчезна пламенот. Го снема тој пламен додека чекаа да се склучи договорот со Грција, додека се изгласаа уставните измени за промена на името, додека ја чекаа заслужената награда од НАТО и ЕУ, додека мислеа дека многу државни порти ќе бидат отворени за еднаков влез за сите, додека чекаа нивните плати како со самовилско стапче да се зголемат на 500 евра а општата продуктивност да остане на истото ниво, ако не и да биде помала…
Го снема тој пламен кога видоа дека за криминалите од претходниот режим (кои исто така можеа да се видат од сателит) речиси е неможно да се одговара во нивната земја, кога пресметката со корупцијата е на самиот почеток, па дури и пред почетокот, кога се почувствуваа измамени со бегството на Никола Груевски и бескрајните судски финти со кои се одложуваат процесите на случаите што ги отвори Специјалното обвинителство.
Тој пламен го снема кога се обелоденија многу коруптивни и непотистички случаи на новата власт. СДСМ изгледа не сфати дека граѓаните се подготвени да ја проголтаат, па дури и да ја простат промената на името (бидејќи и тој проблем ги измори 27 години), па и продолжувањето на датумот за преговори со ЕУ поради егоистичните интереси на одредени европски земји, но дека не се подготвени да простуваат нови корупции. СДСМ изгледа не сфати дека прагот на чувствителноста на јавноста за коруптивноста е подигнат на многу повисоко ниво и дека злоупотребата на 10.000 евра и на пет милиони евра за неа сега има еднакво значење. Тоа е најголемиот превид на сегашната номенклатура. Кога се појави приказната за рекетот тоа за многумина беше потврда на нивните нихилистички ставови дека сите се исти. Носењето на Катица Јанева во притвор поради запрепастувачкото вклучување во мрачни ангажмани и податоците за изненадувачкиот непотизам во Специјалното јавно обвинителство беше плочата што ја покри нивната верба.
Го снема тој пламен кога гледаат дека јавно, без никакви скрупули, пред нивните очи се одвива една контрареволуција, кога бригадите за реставрација на стариот режим понесени од еуфорија мислат дека нивниот ројалистички бунт е можеби пред победа. Вмровската опозиција верува дека нејзиниот мастер план уште од пред три години – да го кутне на колена СЈО е пред конечен успех (специјалните ги нема, уште да исчезнат процесите) и мисли дека граѓаните ги заборавиле поголемиот дел од злоделата. Изгледа тие навистина веруваат дека е така, па кога ќе ги гледате пратениците, кои немаат ниеден ден работен стаж надвор од клупите во Собранието, како се прават дека паднале од Марс, се потсмеваат, се надвикуваат, потценуваат, омаловажуваат, тогаш ви станува појасно дека реката луѓе што си заминува од Македонија е делумно и поради стравот дека оние од кои со тешка мака се ослободија можеби повторно ќе се вратат на власт. Тие ја гледаат нивната нестрпливост, па дури и нахалност. Тие не забораваат низ што поминуваа за време на владеењето на патриотите-ројалисти и не сакаат пак да ги живеат тие денови. Кога го слушаат опозицискиот лидер како вели дека тој нема за што да се извинува за нешто што го направил некој друг, па макар тоа биле цели структури од неговата партија, тие чувствуваат што може да очекуваат – враќање на стариот систем само подгреан со нови методи.
Ројалистите на реставрацијата
Тие стравови поттикнуваат многумина да си заминат од Македонија. Прашање е дали опозициските самопрогласени трибуни тоа може да го видат. И дали воопшто мислат да погледнат на таа страна. Хрушчов не ги направи ужасните злосторства врз сопствениот народ, туку Сталин, па сепак собра храброст неколку години по смртта на генералисимусот да го поднесе тајниот извештај на конгресот на комунистичката партија и да обелодени какво зло морала да трпи неговата земја и напатените советски граѓани. И да се извини во име на партијата. Кога Васко Попетревски во интервјуто на Алсат го запраша Христијан Мицкоски „зошто не се дистанциравте од Никола Груевски и она што го правеше ВМРО-ДПМНЕ во претходните години“, тој во обидот да го одбрани неговиот патрон вербално се омаловажи себеси велејќи вака: „Јас можам јавно, јасно да се дистанцирам од тоа што јас го правам“. За потоа, кога ја сфати несфатливоста дури глупавоста на оваа изјава, да се обиде да се коригира велејќи дека „доколку погрешел“ тогаш ќе излезел пред граѓаните да кажел дека погрешил.
Тоа е вокабуларот на ројалистот од реставрацијата, тој не верува дека погрешил, но остава можност тоа некогаш и да се случи, иако не е многу веројатно. Тоа е вокабуларот на ројалистите – тие се убедени дека имаат природно право да владејат со земјата, дека сите други се натрапници кои ја попречуваат нивната божествена мисија. Нивниот предлог тие да го одредат човекот што ќе го води новото обвинителство, за што се водат бесмислени преговори, е дел од таа ројалистичка мисија. Тие се подготвени да прекршат сѐ, да впрегнат сѐ, да потценат сѐ, да омаловажат сѐ, да оцрнат сѐ, а да не се откажат од ништо само за да владејат. Доколку власта го прифати нивниот предлог тие партиски да го определуваат обвинителот на новото обвинителство Македонија ќе го направи првиот голем чекор кон илибералната демократија. Граѓаните се сосема свесни дека ова што го прави опозицијата има само една цел – да се спасат нејзините поранешни првенци од кривично гонење и дека новата номенкалтура ја интересира само пленот и ништо друго, ни здравјето на нацијата ниту иднината на државата.
Не знаеме дали од наивност или од некоја христијанска верба Заев изјавува „да се надминеме себеси и да го усвоиме законот за јавното обвинителство“, кога е јасно дека во „мировните разговори“ со опозицијата постои само еден излез за договор – само тој да се надмине себеси и да дозволи да има паралелна влада во земјата. Таквата одлука ќе биде погубна за земјата – тоа ќе ги скрши и оние темели што останаа да ја држат. Опозициската анатема врз сите обвинители до еден ја оцрта таа стратегија – ние никому не му веруваме, освен на оној што ќе го поставиме од нашите ројалистички редови кој треба да биде инструментот на реставрацијата.
Граѓаните не се наивни ниту малоумни. Партиите се борат за власт, за тоа и се формираат и за тоа прават програми и креираат идологија. Но кога се трансформираат во организми кои не можат да постојат ако не владеат тоа нив ги претвора во неподнослив товар за општеството. Кога луѓето гледаат дека оние што можеби ќе се вратат на власт не заборавиле ништо и не промениле ништо, тогаш изморени од кризата и небиднината се качуваат со куферите во автобусите за да заминат и да се ослободат од тој неподнослив товар од нивните плеќи. Тие веќе се уморни и резигнирани. Ним им стана здодевна и самата надеж.
Тоа е Македонија во овој момент – истрошена и очајна: незадоволна од овие што владејат, а ужасната од помислата дека оние од коишто едвај се ослободија можеби ќе се вратат на власт.