Партијата ДОМ го поддржува протестот на жителите од Лабуништа против каменоломите посочувајќи дека не се живее среде каменоломи, во бучава и прашина.
„Каде е Државниот инспекторат за животна средина да излезе на терен и да го утврди степенот на загаденост на воздухот, водите и почвата? Каде е санитарниот инспекторат да утврди какво е здравјето на децата и сите жители во таа прашлива бркотница? Што презедоа министерствата за економија и животна средина по жалбите и апелите од сите страни? Има ли некој да ги чуе луѓето што бараат помош и спас од каменоломите во нивните дворови? Доколку институциите продолжат да се оглушуваат, ДОМ ќе поднесе кривични пријави за загрозување на човековото здравје против одговорните лица во нив“, најавуваат од ДОМ.