УНИЦЕФ со загриженост ја следи состојбата со насилството врз и помеѓу децата во земјата. Неодамнешниот инцидент во кој се вклучени ученици од основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино е неспорен доказ за потребата повторно да се разгледаат начините на кои образовниот систем и целата заедница постапуваат во однос на насилното однесување, изјави Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ.
– Насилството во училиштата е првенствено одраз на тоа што се случува дома, но и на тоа што се случува во целата заедница. Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи – физичко казнување или психолошка агресија. Децата кои имаат доживеано постојано малтретирање (bullying) или други форми на насилство на училиште е многу поверојатно да бидат насилни дома, но и да страдаат од долгорочни психолошки последици. Малтретирањето (bullying) честопати е повик за помош. Децата кои се служат со насилство честопати и самите се жртви на насилство – оцени Перкс.
Тој додаде, за да се создадат училишта во кои нема насилство неопходно е да се создаде опкружување кое не толерира насилството. Кога зборуваме за создавање безбедна училишна средина, мислиме на создавање позитивна училишна клима во која се создаваат позитивни односи и каде сите членови на училишната заедница се чувствуваат почитувано, безбедно и сигурно. Од податоците од други европски земји постојат сознанија дека кога на насилството во училиштата се одговара со зголемена контрола и санкции има мали шанси проблемот да се реши на долг рок.
– За да се постигне безбедна училишна средина неопходно е да се јакнат капацитетите на наставниците за спречување насилно однесување. Наставниците кои применуваат превенција и поддршка наспроти контрола и казнување им помагаат на учениците да развиваат комуникациски и емоционални вештини, градење самодоверба и капацитет за емпатија – вели претставникот на УНИЦЕФ.
Според него, треба да се воспостават механизми за интервенција во случаите на насилство за да се спречи повторна појава на насилство.
– И на крајот, ситуацијата бара да се зајакне соработката помеѓу институциите и организациите. Безбедни училишта не се случуваат сами по себе, туку се создаваат и одржуваат од луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни односи и опкружување полно со почит. Тие луѓе ја претставуваат целата заедница во училиштето – децата, наставниците, училишниот кадар, родителите и пошироката заедница – заклучува Перкс.