Производители, компании, земјоделци од државава и од Србија, Бугарија, Ерменија, Хрватска и Словенија, денеска ги изложија своите производи на Меѓународниот саем на органска и традиционална храна „Органска трпеза“ што се одржа во спортската сала во Куманово, во организација на Здружението на развој на земјоделството, заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитетот „Живот“. Манифестацијата има за цел промоција на органското производство.
Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Трајан Димковски на отворањето на саемот истакна дека ова манифестација претставува склоп на активности кои ја поврзуваат нашата традиција со трендовите на светските пазари.
– Во соработка со Владата и надлежните министерства и институции посветено работиме на поддршка на производителите и бизнисите кои интензивно вложуваат во развојот на органското производство во државата. Поддршката преку директните плаќања кај органските производители е зголемена од 50 до 100 проценти од поддршката кај конвенционалните земјоделски производители. Во финална фаза е и подоготвка на мерката за сертификација на региони, а до до крајот на годинава ќе се објави и мерката за поддршка на отварање на органски продавници – рече министерот Димковски.
Тој најави дека Владата и Министерството ќе го стимулираат развојот на овој сектор со постоечките и нови мерки.
Посочи дека ќе се работи и на промоција на подигање на свеста кај населението за бенефитите од органското производство.
Стефан Томажан, заменик шеф на мисија во амбасадата на Швајцарија, рече дека ова е добар настан со кој се прославува богатството на вкусовите.
– Производителите на органските производи преставиваат важна алка во синџирот на производството. Швајцарија од почетокот е вклучена во поддршката на органското производството и ќе продолжиме со поддршката – рече Тоамжан.
Претседателката на Советот на Општина Куманово, Атина Мургашанска рече дека со вакви манифестации Куманово се вбројува во подрачја каде се произведува органска храна.
– Од наредната година посакувам да излеземе со сертифицирани и брендирани производи кои ќе го носат знакот на Куманово и овој регион – рече Мургашанска.
Претседателката на здружението, Благица Цветковиќ, истакна дека оваа манифестација е замислена како изложбен простор каде можат да се видат органски производи, на едно место да се соберат производителите и на органски производи и на традиционалната храна.
Производителите се надеваат дека манифестацијата ќе придонесе да се зголеми интересот кај граѓаните за користење на органски производи, но и дека претставува убава можност на која се запознаваат меѓусебе, разменуваат искуства и идеи за понатамошно ширење на производството.