ГФГ Алијансата пред неколку месеци, во блок трансакција, изврши преземање на 7 индустриски капацитети од Арчелор Митал во Европа, со вкупна вредност од 740 милиони долари, со што практично овие фабрики стануваат дел од групацијата Либерти, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев кој заедно со министрите за транспорт и врски и за странски инвестиции, Горан Сугарески и Елвин Хасан и амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, присуствуваа на инагурацијата на компанијата Либерти Скопје со кој оваа компанија стана дел од ГФГ Алијансата.
– Со тоа практично ГФГ Алијансата станува еден од 10-те најголеми производители на метални производи во светот и нивното вкупно производство ќе биде над 18 милиони тони на годишно ниво. Тие вработуваат 30.000 лица низ целиот свет и тоа само ја покажува нивната големина, со годишен приход над 20 милијарди долари. Оваа компанија е посакувана како инвеститор во нашата држава и се надеваме дека апсолутно се обезбедува иднина на овој производствен капацитет и стабилност во нивниот развој – посочи Анѓушев.
Вицепремиерот рече дека Владата е партнер на компаниите и обезбедува поддршка за понатамошен раст и технолошки развој на производствените капацитети, кои се основата за побрз и одржлив економски раст на земјата.
– Ние длабоко веруваме дека овој потфат на GFG Aлијансата и господинот Санџив Гупта во нашата држава обезбедува одржлива иднина на овој производствен капацитет, којшто ќе придонесе за развојот на нашата економија. Очекуваме дека капацитетот во иднина ќе расте, запознаени сме веќе за некои инвестиции кои се преземени во 2018 година и очекуваме такви да има и во иднина.
Исто така, важно е не само за нив, туку и за целокупната економија во нашата држава, да споменам само дека учеството на директното производство на метали во нашиот БДП учествува со 5,73 %, а индиректно со сите други дополнителни дејности од метало-преработувачката индустрија учествува над 30 % во Бруто домашниот производ. Задоволство е да се види дека минатата година во споредба со 2017 година имаме раст од 6,8 % во овој дел на индустријата и очекуваме дека ваквите потфати ќе направат уште поголем раст – додаде Анѓушев.
Вицепремиерот ги охрабри сопственкот и менаџментот на компаијата да аплицираат за сите мерки коишто државата ги дава преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, наменети за раст на вакви компании, за нивни инвестиции, за охрабрување на тие инвестиции.
– Над 250 компании ги искористија финансиските средства преку мерките од Планот за екоомски раст, коишто за првпат државата ги определи како за странските инвеститори така и за домашните компании бидејќи сите тие компании ги гледаме како домашни. Јас се надевам дека и вашата компанија во иднина ќе инвестира и дека ќе ги користи овие мерки за поддршка и развојот на индустријата – заврши Анѓушев.
Главниот извршен директор на ГФГ Алијансата, Санџив Гупта изрази несомнена подготвеност за реализација на нови инвестиции за модернизација на производствените капацитети на Либерти Скопје. Тој рече дека Владината поддршка е добродојдена, но не и пресудна за да се реализраат нови инвестиции. Инвестициите се важни за да се зголеми продуктивноста, да се модернизира производството и да се подобри конкурентноста на домашниот и странските пазари.