Граѓаните се потешко ги отплаќаат кредитите, особено потрошувачките и станбените. По основ на сите видови кредити, домаќинствата кон банките во јули должеле 2,66 милијарди евра. Растот на нефункционелните кредити на компаниите е со забавена динамика а најмногу доминираат кај фирмите од трговијата и од градежиот сектор, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Анализите покажуваат концентрација на кредитната изложеност во домаќинства кои располагаат со пониска или иста нето просечна плата. Монетраната власт будно го следи одoбрувањето на потрошувачки кредити и доколку има потреба најавува „затегнување“.
Концентрација на долгот кај домаќинства со пониски примања!
Дури 40 отсто од кредитите одборени на домаќинствата се концентрирани кај домаќинства кои располагаат со нето плата од 400 евра, односно граѓаните со примања на ниво на просечна плата доминираат кај потрошувачките кредити.
– Овој процент е уште повисок кај потрошувачките кредити и кредитите наменети за финансирање на потрошувачката на физичките лица и изнесува околу 50 отсто, додека кај станбените кредити е на пониско ниво (16,6 отсто). Сепак, оваа категорија кредитокорисници имаат најниска просечна задолженост по домаќинство – се наведува во најновиот извештај на НБМ посветен на банкарскиот сектор во 2019 година.
На крајот на јули, домаќинствата по сите кредитни основи во банките должеле 2,66 милиони евра. Анализите покажуваат дека кредитната поддршка на банките кон компаниите е во постојан раст кој се оценува како стабилен, но сепак Народната банка упатува на извори на ризици.
– Кај кредитирањето на домаќинствата се издвојуваат и се комбинираат неколку карактеристики коишто потенцијално може да претставуваат иден извор на кредитниот ризик: претежно долгите рочности, сѐ уште високото учество на кредитите со валутна компонента, примената на променливи каматни стапки и присуството на прилагодливи каматни стапки во кредитните договори, поголемата концентрација на долгот кај домаќинствата со пониски примања и олеснувањето на барањето за висината на соодносот меѓу месечната обврска за отплата на кредитот и доходот на физичките лица, пред сѐ кај потрошувачките кредити – соопштуваат од НБМ.
За отплата најпроблематични – потрошувачките и станбените кредити !
По цела година надолен тренд – регистриран е пораст на вкупните нефункционални кредити на приватниот сектор кој ги опфаќа домаќинствата и компаниите. Намалените каматни стапки но и значително намалениот износ на отпишани нефункционелни кредити се главните причини поради кои салдото на проблематични и спорни долгови прикажа пораст.
На годишно ниво нефункционалните кредити на домаќинствата прикажаа раст од 7,6 отсто или за 2,4 милиони евра повеќе на почетокот од 2019 година. Оваа состојба со граѓаните неминовно се одрази и врз салдото на вкупните нефункционални кредити на годишно ниво.
– Нефункционалните кредити на нефинансиските друштва забележаа двоцифрен раст од 12,2 отсто (или 23,2 милиони евра ), што последен пат беше забележано во првиот квартал од 2015 година, додека од воведувањето на мерката за задолжителните отписи па сѐ до февруари 2019 година, „лошите“ кредити на овој сектор главно имаа надолна годишна динамика – велат од Народната банка.
Кај пласманите кон домаќинства, околу 36 отсто од редовните потрошувачки кредити се необезбедени, околу 20 отсто од редовните потрошувачки кредити се обезбедени со жирант и меница,
Кај фирмите, дури 80 отсто од пласманите се насочени во три сектори: индустрија, трговија на големо и на мало и градежништво. Кредитите во овие дејности во 99,5 отсто се обезбедени а сопствениците на компаниите најчесто за тоа нудат недвижен и движен имот, машини, опрема, магацини, фабрики.
Банкарите велат дека на истекот од оваа календарска година условите за кредитирање, особено за домаќинствата се со натамошен тренд на олеснување и дека следните месеци се очекува натамошен пораст на побараувачката на кредити.
– Зголемување на побарувачката се забележува кај сите типови кредити за домаќинствата, посебно кај потрошувачките кредити. Нето-зголемувањето на побарувачката на кредити кај секторот „домаќинства“ во вториот квартал е послабо во споредба со претходно искажаните очекувањата на банките . За третиот квартал од 2019 година, банките очекуваат нето-зголемување на побарувачката на кредитите за домаќинства, што е поумерено во споредба со претходната анкета – се неведува во најновата објавена Анекта за кредитна активност која ги опфаќа ставовите, оценките и очекувањата на банакрите.
Растот на вкупното кредитирање на годишно ниво изнесува 8,1 отсто, а главна „локомотива“ се кредитните пласмани кон населението.
– Од секторски аспект, годишниот раст на вкупните кредити во поголем дел е резултат на кредитите на домаќинствата, при позитивен придонес и од кредитите на претпријатијата. Годишниот раст на кредитите на домаќинствата во јуни изнесува 10,0 отсто (9,8 отсто во претходниот месец), при што и натаму во поголем дел произлегува од потрошувачките кредити, – наведуваат од НБМ.
Монетраната власт објави дека будно се следи состојбата со кредитните пласмани.
– Народната банка постојано ги следи движењата кај потрошувачките кредити и е подготвена, доколку оцени дека постои потреба за ограничување на ризиците од растот и олеснетите услови на потрошувачкото кредитирање, да преземе соодветни мерки.
По основ на потрошувачки кредити, на крајот од јули, домаќинствата должеле 2,23 милиони евра, по основ на станбени кредити 790 милиони евра а по основ на кредитни картици 195 милиони евра.