Заев: Ниту во разговорите, ниту во СМС пораките нема договарање на поткуп

По завршувањето на рочиштето Заев рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС пораките немало договарање на поткуп.

919

На денешното двочасовно рочиште за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, без присуство на јавноста во Кривичниот суд беа преслушани сите разговори обезбедени со ПИ мерки и беа прочитани и СМС пораките.

По завршувањето на рочиштето Заев рече дека ниту во разговорите ниту пак во СМС пораките немало договарање на поткуп.

– Апсолутно нема ништо што е поврзано со обидите за да бидам осомничен како лице кое земало поткуп или правело напори да земе поткуп. Во сите овие разговори зборуваме со службеници од општина Струмица, како и со Иван Николов за да се забрзаат постапките, како течат постапките со сите процедури и конечната цел е да се заврши работата која што странката ја има пред општината – рече Заев.

Тој посочи дека знаел какви може да бидат разговорите и оти сѐ е комплетно чисто.

– Комплетно е чисто. Јас и знаев какви може да бидат разговорите, поради тоа кога немате ништо ни помислено, не можат да бидат и други разговорите – додаде премиерот.

Прецизно во сите постапки и во сите телефонски разговори, како што рече, станува збор само за завршување на предметите.

– Доказ е дека одредени предмети веќе се завршени и во тој период никој не побарал ниту пари, ниту било што и тоа само по себе потврдува дека се работи за монтиран процес – истакна Заев

Адвокатите на Заев рекоа дека Апелацискиот суд сѐ уште нема донесено одлука по жалбата на Обвинителството и не се знае дали јавноста ќе може да ја слуша и да ја види целосната снимка, чии делови веќе беа објавени на Јутуб и која е доказ во оваа постапка.

Следното рочиште за случајот „Поткуп“ е закажано за 30 април.

Зоран Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица од бизнисменот Сачевалиев побарал поткуп од околу 160.000 евра за легализација на градежно земјиште.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...