Димитров: ВМРО-ДПМНЕ да помине низ катарза, а не да шири невистини и да создава конфузија

1632

Да не влегуваме во спротивставувања и надмудрувања зашто нема да направиме добро. Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ е преважно прашање. Го чекавме многу и ќе има големи реперскуии врз државата и граѓаните, му порача министерот Никола Димитров на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во вечерашната дебата на „24 Анализа“.

– Да не ја водиме политичката битка на прашање кое има речиси 90 отсто поддршка од граѓанството. Мислам дека е преважно, толку го чекавме, а и гредата е малку подигната за да поминеме. Сите сме се обидувале и како позиција и како опозиција да го направиме тој исчекор – истакна Димитров.

Ако гледаме на ова вака, додаде, можеби ќе биде малку полесно да се најде заеднички јазик и за законот за јавното обвнителство.

– Залагањето на опозицијата ќе биде суштински најкорисно ако успееме тој закон да го донесеме – подвлече Димитров.

Тој апелира и во политичката битка ВМРО-ДПМНЕ да има доза на пристојност и внимателност.

– Не можеме да ги обременуваме странците да демантираат тврдења што ние тука ги употребуваме во политичка битка – укажа шефот на дипломатијата.

Во врска со случајот „Рекет“, беше дециден дека воопшто не е инволвиран.

– Обидот со лаги да ме извалкате или да ме „пикате“ во „Рекет“ е безобразен. Милиметар немам со таа приказна. Планината што доаѓа по датумот за преговори е токму да се справиме со оваа грозна спрега на подземјето. Тоа што излезе од бомбите го немаме сериозно чепнато, а треба и ќе има одговорност – му рече министерот на Николовски.

Николовски, пак, на почетокот од дебатата истакна дека генерално се надева на позитивни вести во однос на добивањето датум за преговори, но во овој момент, како што посочи, има резерва поради однесувањето на Владата.

– Граѓаните не треба да бидат казнети поради Заев и оваа Влада. Една држава се оценува соодветно на Владата што ја води. Дали имаме најголем корупциски скандал, рекетирани 20 милиони евра, афери секој ден? Еве и денес има нова афера, претходно имаше и за генералниот секретар на Владата која се обиде да се заташка, поситни афери на локално ниво,… Нема ден во кој не зборуваме за корупциски афери. Ова зборува за една филозофија, дека сериозен дел од врвот на СДСМ мисли дека ако го промениле името и го решиле спорот со Грција, меѓународната заеница ќе им дозволи да прават што сакаат – истакна Николовски.

Во контекст на „Рекет“, го праша министерот како се чувствуава на владина седница кога седи со луѓе кои се минимум политички имплицирани во тој случај или кога има за премиер човек кој е во комуникација со адвокатката на Катица Јанева.

– Од петни жили се обидуваме да влечеме напред, но немаме голема помош – беше еден од одговорите на министерот Димитров.

Според него, опозицијата постојано шири невистини и создава конфузија во јавноста.

– Проблемот е во кредибилитетот на опозицијата која не помина низ катарзата низ која мина општеството и притоа е дрска. Добро е што се откри „Рекет“. Никогаш нема штета кога прљавштина ќе излезе на виделина. Си има истрага, притвор, но, ја немаме доволно одговорноста за бомбите од прислушуваните 20.000 луѓе со сите индиции за сериозен криминал и затоа се затегнати преговорите. Почесниот претседател има осудувачка пресуда, а не е во земјава да ја отслужи казната – подвлече Димитров.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...