Студентскиот дом „Гоце Делчев“ наскоро ќе добие комплетно ново уредување на дворот. Станува збор за обновување на искршени бекатон плочки на пешачките патеки, пробивање на нова пешачка патека како и поставување на нова урбана опрема и ново зеленило околу четирите згради на студентскиот дом, информираат од државниот дом.
– Во соработка со Министерството за образование и наука, Државниот студентски дом ќе постави рампи за контрола на влез на возила на источниот и западниот пристап во комплексот, а на северната и јужната патека ќе бидат поставени заштитни столбчиња. Целта на поставувањето рампи е регулирање на сообраќајот за да се зачува новото партерно уредување. Рампите ќе бидат механички контролирани и ќе биде овозможен пристап од споредните сообраќајници во случај на потреба од специјално возило – се вели во информацијата од студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Постоечките дотраени бетонски патеки ќе се реконструираат со павер елементи, а новите патеки со чакал и урбана опрема. Предвидена е и нова пешачка патека на западната страна од Блок Б, со која се олеснува пристапот од блоковите до булеварот, а со тоа и до автобуската конекција за студентите. До секој од споредните влезови од блоковите ќе биде овозможен пристап до рампите за инвалидизирани лица.
– Централното зеленило меѓу блоковите има комплетно ново решение, со ниско и високо зеленило. Урбана опрема ќе биде поставена по целиот комплекс соодветно при што предвидено е да има 38 клупи, 9 корпи за ѓубре, 8 паркиралишта за 5 велосипеди како и нови инсталации за водовод, канализација, електрична и термотехничка инсталација. Во овој студентски дом во тек е внатрешното уредување на собите во блокивите Б и Г кои беа реновирани. Целта на Државниот студенстки дом е сите студентски домови да обезбедат пријатен простор за престој и квалитетно студирање на сите студенти како во внатрешноста на зградите така и во дворните места – велат од студентскиот дом „Гоце Делчев“.