Инфраструктурата, односно патот Скопје-Блаце и недовршениот Коридор 8, се најболната точка за бизнисмените од земјава, од Косово и од Албанија. Покрај ова, уште и административните бариери ја спречуваат нормалната соработка на бизнисите. Ова беше главната забелешка на бизнисмените кои денеска присуствуваа на форумот организиран од Стопанската комора на Северозападна Македонија и коморите на Косово и на Албанија.
Првиот човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија Неби Хоџе рече дека бизнисмените од трите земји се согласни дека инфраструктурата е главниот проблем, но и нетарифните бариери.
– Во наредниот период ќе продолжиме да бараме од трите држави да работат на подобрување на условите за подобар бизнис – рече Хоџа.
Главен проблем на бизнисите од земјава и од Косово, како што рекоа, бизнисмените е одолговлекувањето на изградбата на патот од Скопје до Блаце.
– Ние го изградивме нашиот дел од инфраструктурата, сега останува вие да го завршите делот од Блаце до Скопје – изјави претседателот на Стопанската комора на Косово, Скендер Красниќи.
Николин Јака, претседател на Трговската комора на Албанија, пак, порача дека целта е да функционираат како брз и ефективен триаголник и сите три страни да бидат функционални и ефективни.
– Како прва и најзначајна пречка во таа насока е патната инфраструктура за што ќе треба да се дискутира за да се преземат одредени мерки и активности – рече Јака.
На инфраструктурата и инвестициите во неа се осврна и премиерот Зоран Заев во своето обраќање.
– Веќе имаме распишано еден тендер за патот Скопје-Блаце. До крајот на годината треба да биде распишан вториот тендер со што ќе се интензивираат работите на овој пат. Наша намера е со брз интензитет да го изградиме автопатското решение Скопје-Блаце во вкупна должина од 12 километри. Автопатот Кичево – Охрид се гради со одлична динамика. Ова е значајна делница која ќе даде сериозен придонес во унапредување на економската соработка. Вчера го отворивме новиот терминал на граничниот премин Ќафасан кој ќе ви користи вам, на бизнисите, а министерот за економија Крешник Бектеши работи на воспоставувањето на системот на заедничка гранична контрола на овој премин – рече Заев.
Заев се осврна и на придобивките за бизнисите откако регионот ќе влезе во системот на НАТО и Европската унија.
– Како влади имаме паралелен интерес со вас деловните луѓе. Ако ваш интерес е профитот, нашиот интерес се работни места, зголемување на трговијата, БДП и новите технологии што ги носите. Политичката соработка е на извонредно ниво, Северна Македонија и Албанија се пред исполнување на историски одлуки и конечно да почнеме преговори со ЕУ. Верувам дека со отворање на фондовите на ЕУ ќе можеме дополнително со нови финансиски ресурси да ги поддржиме вашите бизниси поради тоа што поддржувајќи ве вас, дефинитивно ги поддржуваме нашите граѓани и нашите земји – рече Заев.
Тој рече дека Владата работи и на обезбедување квалификувана работна рака.
Бизнисмените од трите земји преку посебни средби ќе разговараат за меѓусебната соработка и развој на бизнисите.