Успешна прва емисија на корпоративната обврзница на ТТК Банка АД Скопје

94

ТТК Банка АД Скопје успешно ја реализираше првата емисија на долгорочни должнички хартии од вредност – корпоративни обврзници по пат на јавна понуда.

За исклучително брзо време, во првите секунди од отворањето на јавната понуда, се запишаа и уплатија 100% од понудените 1.500 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од пет години и три месеци, а во вкупна вредност од 1.500.000 евра. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,5% годишно. Бројот на заинтересирани инвеститори трикратно ја надмина понудената количина.

– Oвој пионерски чекор за нашиот пазар – прва успешна продажба на корпоративна обврзница издадена од ТТК Банка АД Скопје по пат на јавна понуда на примарниот регулиран пазар на Македонската берза, покажа дека постои голем интерес од инвеститорите за вложување во корпоративни обврзници на стабилни и перспективни банки што е потврда за успехот и резултатите на ТТК Банка АД Скопје. Издавањето на оваа хартија од вредност значи поддршка на развојот како на примарниот така и на секундарниот пазар на капитал. На овој начин ТТК Банка АД Скопје ја потврдува својата определба да го истакне значењето на користењето на производите на пазарот на капитал и нивното комбинирање со депозитите како традиционални извори на финансирање – изјави претседателот на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје проф. д-р Драгољуб Арсовски.

TTK Банка АД Скопје се одлучи на овој чекор со цел обезбедување долгорочни и стабилни извори на средства, зајакнување на капиталната сила и вкупниот финансиски капацитет на Банката, а во согласност со планираните бизнис цели утврдени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план за наредниот период.

Обврзниците во наредниот период ќе се котираат на регулираниот пазар на Македонската берза каде ќе бидат достапни за секундарно тргување за инвеститорите, правни и физички лица. Приходите од вложување во обврзница се стабилни и предвидливи, што ги прави популарни за инвеститорите кои сакаат да остварат редовни приходи.

ТТК Банка во 2018 година ги оствари своите најдобри финансиски резултати, а и во 2019 година продолжува со активна поддршка на физичките и правни лица при остварување на нивните финансиски цели и потреби. ТТК Банка АД Скопје ќе ги искористи прибраните средства од емисијата за финансирање и понатамошен развој и унапредување на работењето со физичките и правни лица.

Принципите на работење коишто подразбираат фокус кон континуирано подобрување на услугите на клиентите, константно унапредување на внатрешната организација и ефикасноста, како и развивање на политиките за управување со ризиците ќе бидат основа за работење на Банката и во иднина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...