Без учебници по неколку предмети за различни одделенија и години, основците и средношколците ја стартуваа учебната година, а според плановите и роковите во Министерството за образование и наука (МОН), комплетирање на сите учебници треба да има во октомври.
Географија, историја, информатика, техничко и музичко образование се меѓу предметите за кои недостасуваат учебници. За некои одделенија ги има, а за други ги нема и ова прераснува во пракса секоја година, реагираат родителите.
Според објаснувањето од надлежните, има две групи учебници: едните се оние за кои авторските права ги имаат издавачките куќи, а другите се тие кои се во сопственост на МОН. За првата група, дистрибуцијата треба да заврши до утре.
– Дел од учебниците, оние кои се набавуваат преку откуп од страна на издавачките куќи кои ги поседуваат авторските права се веќе набавени и рокот за дистрибуција беше 16-ти септември за средните училишта, односно до 20-ти основните – велат од МОН.
Меѓутоа, учебниците чии авторски права се во посед на МОН, во рацете на учениците ќе завршат можеби и два месеца по стартот на учебната година.
– За дел од учебниците, односно оние за кои авторските права ги поседува МОН во тек е постапка за избор на компанија која ќе ги испечати количините согласно барањата на училиштата, по што истите ќе се дистрибуираат, а тоа очекуваме да се реализира во текот на следниот месец – велат од ресорното министерство.
Оттаму посочуваат и оти единствена причина за доцнењето се постапките кои се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки каде се дефинирани конкретни рокови за секој чекор и оти доцнењето нема поврзаност со ревидирањето на учебници поради договорите со Грција и со Бугарија.