„Стоп за насилство врз здравствени работници“, протест во кругот на Клинички

Поддршка на протестот најавија и министерот за здравство Венко Филипче, Синдикатот на Клинички центар, како и членови на здруженија на здравствени работници.

53

Под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ денеска претпладне во кругот на Клиничкиот центар ќе се одржи протест, во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Протестот следува по неодамнешните напади на лекари и медицински персонал во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, во Поликлиниката Драчево, а напади имаше и во Тетово и во Кавадарци.

Поддршка на протестот најавија и министерот за здравство Венко Филипче, Синдикатот на Клинички центар, како и членови на здруженија на здравствени работници.

Филипче минатата недела најави дека професионално обезбедување ќе се грижи за безбедноста на медицинскиот персонал во дел од болниците. Како најкритички локации што се планира да добијат обезбедување се старата градска болница „Свети Наум Охридски“, Ургентниот центар, клиниките за кардиологија, за токсикологија и за психијатрија.

Синдикатот на Клинички центар ги извести директорите на јавните здравствени установи дека денеска ќе ја користат получасовната пауза од 11 до 11:30 часот за да можат во тој период да се приклучат во протестот. Како што најавија, вработени во Итната медицинска помош, членови на Синдикатот на Клинички центар, со еднолично свирење од сирената ќе изразат поддршка за протестот.

Синдикатот на Клинички центар соопшти дека во целост се согласува со министерот Филипче оти насилството врз докторите, медицинските сестри и другите вработени во здравството е рецидив од минатото и резултат на претходните популистички политики, но истовремено оценија дека тој не направил ништо во изминатиот период за да го реши тој рецидив.

– Ако неговиот претходник пред пет години се соочувал со пет случаи на напади на доктор годишно, министерот Филипче се соочува со 15 случаи на напад на доктор во изминатите девет месеци – велат од Синдикатот.

Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар преку соопштението праша како може да се прави дискриминација на вработените во јавните здравствени установи и, како што соопштуваат, на едните да им обезбеди професионално обезбедување, а на другите да им посака добра среќа поради фактот дека по негови проценки се со помала веројатност дека некој ќе ги нападне.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...