Исполнетост на условите за владеење на правото во категоријата – Пристап до правдата
Извор: Анализа на Стопанската комора на Македонија, согласно Листата за проверка за исполнетост на условите за владеење на правото, на Венецијанската комисија
Процентот се однесува на исполнетоста на условите за владеење на правото за секој одделен индикатор кој претставува составен елемент од категоријата „Пристап до правдата“ кои подолу се и подетално елаборирани, а средната вредност за самата категорија, во однос на исполнетоста на условите за владеење на правото во државата изнесува 63,5%. Со тоа, врз основа на направената анализа за индикаторите за владеење на правото во Република Северна Македонија, произлегува дека најслаби резултати, односно најмногу недостатоци постојат токму по однос категоријата што се однесува на пристапот до правдата. Тоа, во основа, значи недоверба во правосудните органи, селективна правда, пристрасност на судиите и обвинителите во определени случаи, зависност од политички и други влијанија, долго водење на судските постапки, непотребни одолговлекувања на процесите, но и пропусти во постапките, незавршување на постапките до крај, односно неспроведување на правосилни и извршни судски пресуди за некогашни или сегашни носители на определени јавни функции поради определени правни или фактички пречки и слично. Со тоа, пристапот до правдата е прашање на кое особено внимание треба да посветат носителите на државната власт, а особено Министерството за правда, самите правосудни органи, вклучувајќи ги судовите, обвинителството, но и полицијата, Антикорупциската комисија и сите други надлежни органи и институции кои имаат надлежности во делот на намалување на недостатоците поврзани со независноста и непристрасноста на правосудните органи и обезбедување фер судење на сите субјекти, согласно закон.
Исполнетост на условите за владеење на правото согласно индикаторот независност и непристрасност на правосудните органи е 63%. Ако започнеме од регулативата, ќе видиме дека во овој дел станува збор за особено солидна правна рамка. Така, според член 98 од Уставот на Република Македонија, судската моќ ја практикуваат судовите и тие се независни. Судот суди врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Организацијата на судството е единствена и вонредните судови се забранети. Видовите, надлежностите, утврдувањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, кој се донесува во квалификувано мнозинство од вкупниот број пратеници. Согласно Уставот (членови 99 и 100), судиите уживаат имунитет за кој одлучува Собранието, а Уставот забранува политичко организирање и дејствување во судството. Судијата нема ограничување на времетраењето на мандатот, со што се зголемува неговата професионална независност од политичко влијание. Законот за судови ги разработува основните принципи утврдени со Уставот на Република Македонија. Во членот 1 од Законот се вели дека судовите се независни државни органи. Судовите во примената на законот ги штитат човековите слободи и права. Судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите. Забрането е каков било облик на влијание врз независноста, непристрасноста и автономијата на судијата во вршењето на судската функција од која било основа и по кој било субјект. Постапката за избор на судии и судии поротници и потребните критериуми се наведени во Законот за судовите (членови 41-50).
И покрај тоа што правната рамка ја гарантира независноста на судството, во практиката судската независност во одредени случаи е доведена во прашање. Правосудниот систем на земјата, согласно Извештајот на Европската комисија е умерено подготвен, но со оглед дека се констатира дека е постигнат добар напредок во решавање на „Итните реформски приоритети“ и препораките на Венецијанската комисија и Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото под раководство на Прибе, општото очекување е дека конечно состојбите во областа на правосудството треба да се доведат во ред.
Во наредната година, земјата особено треба да продолжи со спроведување на стратегијата за реформи во правосудството и подобрување на информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС), кој се покажа дека не е целосно функционален и сигурен. Исто така, неопходно е конзистентно спроведување на новите правила за именување, унапредување, дисциплински постапки и разрешување на судиите и сите други одредби од новиот Закон за судскиот совет од мај 2019 година, со цел да се покаже дека независноста на правосудниот систем се почитува и се унапредува на сите нивоа, заштитувајќи го од секој ризик од политичко мешање, бидејќи праксата го покажува сосема спротивното. Правната рамка е зајакната согласно спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството за периодот 2017-2022, која е водечки документ за реформа во овој сектор и спроведувањето на поврзаниот акциски план, ажуриран во октомври 2018 година. На планот на регулативата , се донесоа и измени на многу закони кои го регулираат овој сектор, особено на законите за судовите и за Судскиот совет, во согласност со препораките на Венецијанската комисија, како и Кривичниот закон и Законот за прекршоци.
Но, и покрај тоа што Владата покажа континуирана заложба за подобрување на правосудниот систем во однос на правната регулатива, сепак се доведува во прашање практичната имплементација на донесените решенија, која е основа за натамошен напредок. Се очекува и донесувањето на нов закон за јавното обвинителство за интегрирање на специјалниот јавен обвинител во системот на обвинителството. Судовите донесоа пресуди за некои случаи од висок профил поднесени од Специјалното обвинителство. Освен правните измени, сите правосудни институции треба да бидат пример и да придонесат, преку дополнителни напори, да ја вратат довербата на јавноста во правосудството. Извештаите за напредокот на ЕУ од нејзините почетоци, како и на други релевантни меѓународни организации, укажуваат на селективната правда на судството. Како што е наведено погоре, сите овие случувања и состојби во судството, во голема мерка ги формираа перцепциите на јавноста што се карактеризира со ниско ниво на доверба.
Вториот значаен сегмент во рамки на категоријата „пристап до правдата“ е и индикаторот фер судење. Исполнетост на условите за владеење на правото согласно индикаторот фер судење е 64%.
Како што и досега е елаборирано, бројните домашни и меѓународни организации кои се занимаваат со прашањето на владеење на правото и правната држава, како особено проблематично го посочуваат прашањето за почитување на принципот за фер судење пред независни и непристрасни судови. За да се подобри пристапот до правдата, правосудството на прво место треба да ја подобри транспарентноста и отчетноста на својата работа заради зајакнување на довербата на јавноста во правосудниот систем во целина. Во јавноста сѐ повеќе е застапено мислењето за постоење селективна правда, која во повеќето случаи е под влијание на политиката.
Покрај бавните и неефикасни постапки, дополнителен товар за субјектите чии права се загрозени и имаат потреба од нивна заштита пред надлежните судови, како проблеми кои се јавуваат се и високите трошоци во постапките, недоследното почитување на пресумпцијата на невиност, особено од медиумите, поради што, во определени ситуации, може да дојде до неоправдано нарушување на угледот и достоинството на обвинетите во постапката, кои подоцна се покажало дека не се виновни. Секојдневната фокусираност на граѓаните кон известувањата за секое поединечно рочиште во случаите на т.н. висока корупција кои се актуелни и овој период, предизвикува сериозно поткопување на довербата во судството, правна несигурност и нестабилност.
Инаку, што се однесува со правната уреденост, во однос на пресумпцијата на невиност, во членот 13 од Уставот на Република Македонија се вели дека лицата обвинети за кривично дело ќе се сметаат за невини сè додека нивната вина не се утврди со правосилна судска одлука. Лицето што незаконски е лишено од слобода, приведено или незаконски осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон. Дополнително, тоа е уредено и со Законот за кривична постапка, со што се потврдува дека правно гледано, постои правен основ и обврска сите државни органи, медиуми и други субјекти да се придржуваат кон правилото, а со своите јавни изјави за постапката во тек, тие не смеат да ги кршат правата на обвинетиот и оштетената страна, како и судската независност и непристрасност. Со ратификувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права, таа стана составен дел на правниот систем на Република Македонија. Членот 6 од оваа Конвенција се однесува на правото на фер судење, кое вклучува и пресумпција на невиност.
Но, во праксата се јавуваат голем број прекршувања на овој принцип. Такви се бројните одлагања на судењата поради банални и неоправдани причини кои често пати се мошне очигледни, а уште позагрижувачко е и прашањето за неможноста за спроведување на правосилните и извршни судски пресуди, поради определени фактички или правни пречки, што укажува на немање доволен капацитет на правосудните органи за спроведување на правдата до самиот крај. Голем број судски постапки непотребно се одолговлекуваат и траат мошне долго, што е потврдено со бројни анкетни истражувања на граѓанските организации и меѓународните организации, а истото е потврдено и со анкетите кои на оваа тема ги има спроведено и Стопанската комора на Македонија.
Доколку во правосудството не се спроведат темелни реформи, ниедна промена во која било друга област нема да има своја смисла. Еве уште еден конкретен пример. Комората во 2014 и 2015 година, по иницијатива на компаниите членки, спроведе истражување за искуствата на компаниите во судските постапки, а резултатите од истражувањето ги претстави пред највисоките органи и тела од областа на правосудството, меѓу кои и Судскиот совет на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија. Истражувањето покажа дека, како слабост на судскиот систем, која најчесто се посочува од страна на компаниите е долгото траење на судските постапки, при што просекот се движи околу 3 години, но голем број од компаниите имаат спорови кои траат 7-8 години само во спроведувањето на првостепена постапка, или спорови кои траат речиси 10 години. Ако кон тоа се додадат и случаите на неможност за спроведување на правосилни и извршни судски одлуки, поради дискреционите овластувања кои ги дава Законот за извршување, јасно е дека не можеме да зборуваме за ефикасен правосуден систем. Решавањето на ова значајно прашање ќе значи и подобрување на ликвидноста на компаниите, зголемување на економскиот раст, подобрување на комуникацијата помеѓу бизнисот и правосудството, со што ќе се воспостават прецизни правила на постапките (судските, извршните и постапките пред нотарите).
(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)
Извор: Стопанска комора на Македонија