Европската Унија ќе инвестира над 48 милиони евра од Европскиот регионален фонд за развој за да овозможи проширување на детската болница во Сребрњак и да помогне да се изгради истражувачки здравствен центар за деца од светски ранг, соопштија денеска службите на Европската Комисија.
Се очекува да се изгради објект од околу 15 илјади квадратни метри и набавка на медицинска опрема за да може да се трансформира детската болница во клинички центар во кој ќе се работи на развој на медицината.
Европската Комисија очекува изградбата да заврши во февруари 2022 година, кога болницата ќе се посвети на третман на болести кај деца и адолесценти.
– Благодарение на овој проект, децата во Хрватска ќе ги уживаат бенефитите од најновите медицински истражувања, а Хрватските истражувачи ќе имаат пристап до опрема од светски ранг за да ја работат својата работа -изјави комесарот за здравство, Витенис Андриукаитис.
Целта на проектот на ЕУ е и да се задржи медицинскиот кадар во Хрватска, според очекувањата болничкиот кадат би требало да се зголеми за 67 отсто.
Здравствениот центар во изградба ќе биде посветен на низа медицински области како алергиите, астмата, кардиологијата, детската хирургија, спортска медицина и друго.