Она што мене ме загрижува не е само економската криза во државава, туку моралната криза којашто го зафати целото општество и доведе до распад на вредносниот систем. Патем речено, судбината на Македонија, за среќа, не зависи од нашите соседи, туку од тоа колку сме ние способни да продуцираме нови вредности. Во сите сфери, се разбира!
А како ќе продуцираме нови вредности, кога го уништивме образованието, коешто е најсилната алатка во рацете на малите народи?
Земете го примерот на Шкотска. Мал народ со најмногу добиени Нобелови награди.
Што направивме ние со образованието? Го уништивме целосно! Отворивме факултети во секое село, исподеливме еден куп лажни дипломи, голем дел од нашите политичари се стекнаа со докторати, ги излечија фрустрациите и измислија еден куп изрази за оние коишто беа солидни ученици, нарекувајќи ги затуцани, штребери, смотани…Тоа што беше квалитетно, го истеравме надвор од државава.
И сега, со кого ќе правиме реформи?
Сето тоа, според мене, е одмазда на слабите ученици. Во моментот кога истите ќе се доберат до некаква функција, своите фрустрации почнуваат да ги продаваат како општонароден проблем и гледаат да се ослободат од сите оние коишто не се вклопуваат во нивната матрица, а поседуваат одреден личен и научен дигнитет.
И за крај на текстов и следниов куриозитет:
Своевремено, после доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во Германија, голем број од припадниците на Франкфуртската школа морале да емигрираат во САД. Еден од ректорите на универзитетот во кој се вработиле припадниците на Франкфуртската школа кратко прокоментирал: „Хитлер ја тресе јаболкницата, јас ги собирам јаболката“!
(ФБ статус на авторот)