Почина професорот по новинарство Томе Груевски Тоци, поранешен директор на Студентски збор и член на Советот за радиодифузија.
Томе Груевски (1949), Смилево, Република Македонија; комуниколог, доктор по информативно – комуниколошки науки, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје предаваше Комуникологија и Односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан први“ во Скопје како и на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања Скопје, на Универзитетот „Св Климент Охридски“ Битола: Факултетот за јавна администрација и на Педагошкиот факултет во Битола.
Теорискиот и истражувачки интерес на професорот Груевски беше од областа на комуниколошките теории и модели на комуницирање, масовните медиуми како посредници во комуникативниот процес, масовното комуницирање и другите облици на комуницирање. Негов посебен интерес на истражување се теориите и концепциите на односите со јавноста.
Објавил повеќе од сто научни и стручни трудови и пет публицистички трудови. Објавени книги и учебници: дваесет и три научни и стручни трудови, меѓу кои: Јавното информирање во Македонија (1991); Преглед на македонскиот печат (1885-1992); коавторство со Боро Мокров (1993); Современиот печат во Македонија (1995); Печатарството и издаваштвото во Битола, книга 1, 2 и 3, коавторство (1998); Историја на новинарството, книга 1 и Историја на македонското новинарство, книга 2 (1999); Теорија на новинарството (2000); Односи со јавноста (2006); Култура на говорната комуникација (2007); Комуникологија, книга 1 и 2, (2011); Односи со јавноста- теории и модели ( 2011); Комуникологија на медиуми, коавторство со Зоран Костов, (2012); Комуникологија на жанрот, (2013); Комуниколошки лексикон, коавторство со Зоран Костов (2016).
Тој беше член на Македонско научно друштво Битола од 1997, член на Советот за радиодифузија на Република Македонија (2006-2012); претседател на Управниот одбор на Центарот за регионални истражувања и соработка, „Студиорум“ Скопје од 2002 година и член на Управниот одбор на Хабитат Македонија од 2009 година.