Со изборот на кандидатите за комесари, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја најави својата визија за Европа во наредните пет години и упати пораки до Вашингтон, Лондон, Рим, Даблин, Загреб, но и до Западниот Балкан, пишува хрватски Евроактив.
Најмногу реакции предизвика кадровското решение за ресорот соседска политика и проширување, а Евроактив оценува дека со изборот на Ласло Трочањи, поранешниот министер за правда во Владата на Виктор Орбан за тој ресор, Фон дер Лајен им порача на државите од Западен Балкан дека до проширување нема брзо да дојде.
Како што објаснува, освен што Владата на Орбан е критикувана поради давање азил на политички бегалци од регионот (случајот со поранешниот македонски премиер Груевски, кому Орбан му понуди засолниште од криминални обвиненија), Унгарија и самата се бори со Украина за прашањето со односот кон малцинствата.
Евроактив наведува дека Орбан во неколку пригоди блокираше состаноци на НАТО и претставници на Украина, токму поради прашањето за унгарското малцинство во Украина (спорен беше украинскиот закон за јазикот).
Кога станува збор за Хрватска, како што додава, избирајќи ја Дубравка Шуица за една од потпретседателите на ЕК, Фон дер Лајен на Владата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ѝ дала на знаење дека е свесна за улогата која тој и Шуица ја имале во нејзиниот избор за претседателка на Комисијата.
Иако, како што оценува, ресорот сам по себе е многу нејасен и сè уште не се знае со колкав буџет ќе располага, ниту кои ќе бидат нејзините обврски, Фон дер Лејен на Хрватска ѝ пружи можност да пронајде решение за горливиот проблем со демографските промени.
Претседателката на ЕК од љубопитната јавност успешно го скри доделувањето на ресорите до самиот крај, но, оценува Евроактив, некои кадровска решенија беа очекувани уште пред изборот за Европскиот парламент во мај.
Како што додава, со номинацијата на Фил Хоган, досегашниот комесар за земјоделство, да ја преземе трговијата на ЕУ, Фон дер Лајен на Лондон му испрати доста јасна и недвосмислена порака: „Стоиме со Даблин!“
Премиерот Лео Варадкар неколку минути по објавата на кадровските решенија на Твитер објави дека е „многу задоволен“ со добиениот ресор, затоа што Ирска добила предност во идните преговори со Лондон.
Фон дер Лајен трпеливо ја чекаше Италија последна, со големо задоцнување, да номинира свој комесар, кому му додели еден од најпрофилираните ресори – економија, а Евроактив наведува дека со таа одлука ѝ порачала на новата италијанска Влада дека ѝ е благодарна на реконструкцијата со која се намали моќта на Матео Салвини и оти во иднина очекува поуспешна соработка со Рим.
Со изборот на Силвија Гулард за комесарка за внатрешен пазар и одбранбена индустрија, Фон дер Лајен му испрати доста јасна порака на Вашингтон.
Гулард ќе има задача да ја обедини набавката на воена опрема на државите членки, со што ќе се заобиколи американската доминација во тој сектор, но ќе ја зајакне и безбедносната независност на Европа.
Фон дер Лајен на Франс Тимерманс му ги додели ресорот заштита на животната средина и проектот „Европски зелен договор“.
Покрај тоа што со ова „ѝ фрли коска“ на сè посилната група на зелените во Европскиот парламент, на чија поддршка се надева во наредната година, претседателката ја потврди својата посветеност кон зелената политика, оценува Евроактив.
Претседателката на ЕК, енергетиката, најпопуларниот ресор оваа година, ѝ ја додели на Естонија.
Станува збор, оценува Евроактив, за исклучително проевропска балтичка држава, поранешна членка на Советскиот Сојуз, која одлично ја познава енергетската политика на Москва поради што и беше најлогичен избор за европската енергетика, посебно во контекст на сè поголемите обиди Европа да стане енергетски независна.
ФОТО: EPA / OLIVIER HOSLET