Партијата на европски социјалисти со поддршка за македонската Влада

188

Поддршка од Партијата на европски социјалисти и очекување Македонија да го добие најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, денеска даде  претседателот на  ПЕС и поранешен бугарски премиер Сергеј Станишев на средбата со премиерот Зоран Заев.

Како што соопштија од Владата, европратеникот Станишев ги поздравил договорите на нашата држава со Република Бугарија и Република Грција и демократска зрелост што ја покажува нашата држава, низ политиките на премиерот Заев и на Владата, за носење на реформите во соработка со опозицијата. Тој исто така охрабрил да се изнајде решение и за Законот за јавно обвинителство.

Премиерот Заев се заблагодарил за континуираната поддршка од ПЕС за демократските процеси во државава, што резултираат со процес на интеграција во НАТО и напредок во евроинтеграциите.

– Ги затворивме сите прашања со соседите низ искрени политики на изнаоѓање решенија, ги донесовме низ консензус со опозицијата законите за потребните реформи во државата и сега сме посветени на ефективна имплементација на тие реформи. Посебно сме фокусирани на владеењето на правото и правната држава и за обезбедување еднаквост пред законите за сите. Очекувам одговорно однесување во Парламентот и да го донесеме и Законот за јавно обвинителство со повеќе од двотретинско мнозинство. Сите поранешни предмети поврзани со криминал и корупција, или евентуално нови, како и во секоја европска држава, и кај нас, мора да добијат разврска низ независен и професионален правосуден систем – рече меѓу другото, премиерот Заев.

На средбата е изразена поддршка и за одлучноста на Владата за независно функционирање на правосудниот систем. Исто така, заеднички е констатирано дека евро-атлантските перспективи на нашата држава веќе придонесоа кон развој на економската соработка со земјите во регионот и пошироко, нови инвестиции, со тоа и повисоки плати и подобар животен стандард на граѓаните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...