Тајна состојка која може да ја додадете во лебот, а не е адитив

723

Има сѐ повеќе семејства кои почнуваат сами да си прават леб, најчесто во специјални апарати кои и го месат и го печат лебот. Дали е ова патот да се храниме со што е можно поздрав леб, без адитиви и други конзерванси што ги користи прехранбената индустрија и што уште да додадеме за вака приготвениот леб да биде повкусен?

Дел од граѓаните кои веќе прават домашен леб на овој начин, раскажуваат:

– Отпрвин се мислевме дали воопшто ни треба таков апарат за леб, кога околу мене има неколку пекари и продавници во кои секој ден се продава тазе леб, а има и избор на многу специјални лебови. Апаратот за правење леб чини околу 4.000 до 6.000 денари. Но, еве, по две години користење на апаратот, сите дома сме презадоволни. Првенствено од тоа што сега знаеме каков леб јадеме – без адитиви и други штетни  додатоци… Брашното првин го просејувам. Најчесто користам три вида брашно – пченично, ржано или интегрално, додавам разни семиња, маслинки и го вклучувам апаратот или си го подесувам лебот да биде готов утредента за појадок – раскажува скопјанката М.И. и додава дека ваков домашно приготвен леб може да не мувлосува ни по цела недела.

Тајната е сладното брашно во лебот

Од Институтот за јавно здравје на РСМ откриваат што друго може да се додаде во лебот што се прави дома, но секако и во оној што се произведува во прехранбената индустрија.

– Основната рецептура за правење леб вклучува брашно, вода, квасец и сол. Лебот во домашни услови може да се прави на традиционален начин, а често пати рецептурата се надополнува и со други состојки кои може да ја зголемат нутритивната вредност на лебот. На пример, може да се додадат различни семиња, трици за зголемување на содржината на диететски влакна во лебот, глутен, кисело тесто, зачини итн. А на пазарот постојат и готови смеси за леб кои се додаваат во апаратите за месење и печење на лебот, но најголемиот дел од нив содржат адитиви или подобрувачи кои му даваат на лебот помека структура. Една од состојките која може да се додаде во лебот, а не е адитив или подобрувач е сладното брашно кое се добива со мелење на изртени и исушени зрна јачмен. Сладното брашно се додава во голем број комерцијални лебови давајќи му на производот златно-кафеана до кафеана боја – вели д-р инженер Маја Димитровска, менаџер за квалитет во Институтот.


Вака изгледа сладно брашно

Забрането е додавање боја во лебот

На забелешката дека многу граѓани мислат дека токму во специјалните лебови се додава некаква вештачка боја, д-р Димитровска појаснува:

– Мислењето на дел од потрошувачите дека лебот кој го купуваат во маркетите е обоен, со додаток на адитив-боја е неосновано, бидејќи додавањето на вештачки бои во лебот не е дозволено. На крајот, државните институции одговорни за спроведување на законските прописи и контрола на безбедноста и квалитетот на храната го регулираат и обезбедуваат пласирањето на безбеден и квалитетен леб на пазарот, но сепак одлуката за изборот на леб е на потрошувачот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...