Советот на јавни обвинители денеска треба да го констатира престанокот на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство. Во саботата специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во моментов е во притвор беше едногласно разрешена од членовите на Советот.
По одлуката на Советот, на потег ќе биде јавниот обвинител Љубомир Јовески кој, доколку одлучи, има можност на обвинителите кои досега ги водеа предметите да им ги додели повторно.
Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.
Откако Јавното обвинителство пред неколку дена ги побара предметите на СЈО, од Специјалното јавно обвинителство експресно одговорија дека се подготвени да ги предадат сите предмети по кои постапуваат со сите списи и докази.
Загриженост и неизвесност за својот статус пројавија и стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО и побараа помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите за формирање на ова обвинителство и од политичките чинители во земјава. Министерката за правда Рената Дескоска за МИА рече дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.