На „Браќа Манаки“ разговори со филмскиот снимател Алкаине и Џим Шеридан

83

По вчерашното свечено отворање на јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, денеска имаше средби со големите филмски имиња како филмскиот снимател Хозе Луис Алкаине и ирскиот режисер и сценарист Џим Шеридан.

Се одржа разговор со добитникот на наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов.

Програмата на денешниот фестивалски ден почна со прес-конференција со Хозе Луис Алкаине, директорот на фотографија кој соработува со Педро Алмодовар, чиј филм „Болка и слава“ синоќа беше прикажан на отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

– Тој е еден од најголемите не само шпански, туку и светски сниматели. Навистина е привилегија што повторно сте гостин на ИФФК „Браќа Манаки“ – рече Благоја Куновски Доре, уметнички директор на фестивалот и селектор на главната програма при претставувањето на Алкаине.

„Слава и болка“ е ново дело на Алмодовар и како и секогаш тој работи со Алкаине. Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето е во самиот стан, кој бил трансформиран во студио.

Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле.

– Јас и тој многу се променивме и полесно се разбираме сега отколку на почетокот – рече Алкаине.

Денешниот разговор со еден од најеминентните македонски композитори на филмска и театарска музика, Љупчо Константинов, го модерираше Стојан Синадинов.

– Се согласувам со она што го кажале и некои големи автори на филмската музика дека најтешко за композиторот е да дојде до темата и тоа одзема најмногу време – рече Константинов, кој ја напишал музиката за филмови како „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Преку езерото“ и многу други.

Посочи дека работата со секој режисер е различна. – Некој ме пушта јас самиот да поставам музиката, друг пак самиот одредува за која сцена сака музика. Иако тоа не функционира секогаш така, бидејќи музиката најавува дека нешто ќе се случи или е реминисценција на дејство или чувство, рече Константинов.

Мастер клас денеска одржа и светски познатиот режисер, сценарист и продуцент, Џим Шеридан чии филмови се ремек делата „Моето лево стопало“ и „Во името на таткото“ . Шеридан на фестивалот „Браќа Манаки“ пристигна во својство на претставник на Европската филмска академија (ЕФА).

– Ја разгледував програмата и забележав дека многу голем дел од филмовите кои овде се селектирани да се прикажат се одлични – рече Шеридан.

На програмата денеска се проекции на кратки филмови, специјална проекција на „Џезмен“, на режисерот Аљоша Симјановски, како и филмови од програмата „Перспективи на европскиот филм“, од документарната програма, а од компетицијата за „Камера 300“ денеска ќе биде прикажан филмот „Бедници“.

Од дополнителните настани, во „Магаза“ ќе се прикажат филмови на Браќата Манаки, а од програмата „Земја во фокусот“-филмот „Игла под прагот“ во режија на Иван Мариновиќ. Следува проекцијата на „Полноќни танцувачи“ на режисерот Мето Петровски, „Заеднички градини“ од програмата за краток филм и „Синоними“ во режија на Надав Лапид, во компетиција за „Златна камера 300“.

Во чест на Љупчо Константинов, годинашниот добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ шти ја доделува ДФРМ, вечер ќе биде прикажан филмот „Среќна нова’49“ во режија на Столе Попов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...