18- каратната златна тоалетна школка е украдена во текот на ноќта од палатата Бленхајм, во која се родил Винстон Черчил.
Крадците во раните утрински часови, околу 5 часот утринава, насилно влегле во палатата и ја украле златната школка вредна околу 5 милиони долари. Школката наречена „Америка“ не е пронајдена, но полицијата уапсила еден 66-годишен маж како осомничен за кражбата.
Златната школка била изложбен предмет, дел од концептуалната изложба на уметникот Маурицио Кателан, што била отворена во четвртокот.
Поради грабежот, настанала поплава и значителна штета во палатата, бидејќи школката била вградена и функционирала како и секоја друга, па уметникот претходните два дена ги повикувал посетителите да ја користат. Уметникот ја проценува златната школка на над 5 милиони долари.
Палатата од каде е украдена златната тоалетна школка е на пописот на светското културно наследаство на УНЕСКО и е место каде што е роден поранешниот британски премиер Винстон Черчил. Додека трае истрагата, палатата ќе биде затворена за посетители.
Во палатата Бленхајм, тоалетот беше инсталиран веднаш до просторијата во која е роден Черчил. Каталогот на изложбата вели дека делото може да се процени како коментар за социјалната, политичка и економска разновидност на САД.