Со 102 гласа „за“, пратениците во Собранието денеска ја разрешија од функција специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Вкупно беа присутни 105 пратеници на седницата. Немаше воздржани, ниту против.
Од 29 пратеници кои им припаѓаат на малцинствата, 27 гласаа за разрешување од функцијата специјалната јавна обвинителка.
Собранието предлогот за разрешување на Катица Јанева ќе го достави до Советот на јавни обвинители.
На 5. септември, Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.
На пленарната седница нема да се расправа за извештајот на Советот на ЈО, туку само за предлогот за разрешување. Одлуката се носи со двотретинско мнозинство и со т.н. Бадентерово гласање, а на крајот треба да ја потврди и Советот на обвинители.
Во материјалите поставени на веб-страницата на Собранието, а во врска со разрешувањето на Јанева, покрај заклучокот на Комисијата по кој пратениците треба да расправаат, се поставени и согласност од четирите политички партии со најголем број пратеници СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса на Албанците.
Јанева во моментов е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“.