Секое правно лудило, експеримент, занес завршува вака. Секогаш кога државата не се држи до Уставот, секогаш кога Собранието носи неуставни закони, секогаш кога правните и државните органи кога беше кажано дека СЈО е неуставно не реагираат, работите завршуваат вака, со големи последици, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на денешната собраниска седница, пренесе Макфакс.
Тој се повика на изјавата на претседателот на Советот ја обвинители, Коле Шетрјов, велејќи дека Советот констатирал оти обвинителката Катица Јанева работела несовесно и незаконски.
Димовски рече дека доколку владејачкото мнозинство изведе акробации да се спаси Јанева дека не работела несовесно, тоа ќе биде на грбот на граѓаните. ,,Единствено нешто за кое Собранието денеска може да гласа е разрешување на Јанева”, рече Димовски, кој потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за разрешувањето на Јанева.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ истакна дека најмалку 10 пратеници од неговата партија биле уценувани од СЈО за одлучување во Собранието.
,,Во моментов имаме правно лудило, верификување на печат и различни потписи. Секој правен експеримент може да донесе штета на државата, СДСМ сакаа да ја имаат играчка СЈО во своите раце. Такви експерименти на моменти ќе ви бидат забавни, но не се завршува така”, рече Димовски.
Собранието денеска расправа за разрешување на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Мандатот како специјална обвинителка на Јанева ѝ завршува на 15 септември. Таа моментнo е осомничена во случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.