Арсовски: Заев сака да ја сокрие вистината за „Рекет“

165

Зоран Заев е исплашен човек, кој се обидува на секој можен начин да влијае врз истрагата во случајот со рекетарскиот октопод за да спречи да се дознае вистината дека главата на криминалот не е ниту Боки 13, ниту Катица Јанева, туку единствено врвот на неговата власт, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев, вели Арсовски, по секоја цена сака да влијае врз обвинителството и судските органи со цел оваа истрага да се забошоти и да се заборави. Доколку власта Заев беше чиста немаше да контактира со адвокати на обвинетата Катица Јанева и немаше пророчки да предвидува дека притворот на Катица Јанева ќе биде укинат.

– Веќе сите во јавноста видоа дека истрагата е крајно искомпромитирана и се води непрофесионално од страна на Русковска и обвинителството. Најпрвин од петни жили се обидуваа таа да остане ограничена само на Боки 13 и Зоки Кичеец, па откако излегоа материјали во странски медиум за вмешаноста на Катица Јанева со тешко срце мораа истрагата да ја прошират и кон нејзе. Јанева имаше време и можност да брише докази, да влијае врз сведоци, да форматира телефони и форензички да брише компјутери во СЈО со секакви докази кои што можеби постоеле. Сега гледаме дека случајот повторно тапка во место, а Јанева од притвор во крајно сомнителни услови испраќа писма и наредби кои Јавниот Обвинител Јовески беспоговорно ги прифаќа. Замислете тој што треба да го гони осомничениот криминалец, прима наредби и постапува по барањето на криминалецот. Тоа го има само во правната држава на Зоран Заев. Да биде уште посомнително, првообвинетиот Боки 13 се уште нема дадено исказ, ама затоа десет пати отиде во болница. Дали во болниците се влијаело или се вршело притисок врз него да не ја открива целата мрежа на рекетарскиот октопод, за на тој начин да не се дознае за инволвираноста на рекетарските ликови Фрики, Кики, Шеки, Баки и останатите треба да каже Вилма Русковска – додаде Арсовски.

Според него, очигледно дека обвинителството на Русковска нешто крие и се обидува со правна гимнастика да спаси повисоки владини функционери без кои милионските рекети немало да се случат.

– Тоа е причината поради која Заев моли бога работите во обвинителството да останат статус кво, за да може и во иднина распупеното судство да миже пред очигледните криминали. Ама тоа нема да помине. Целата јавност виде и целата јавност слушна, но и допрва ќе открива за криминалите на оваа власт. Арамиите кои денес се преставуваат како власт ќе одговараат и пред народот, но и пред законите. Тоа време многу брзо ќе дојде – вели Арсовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...