Агенција за обезбедување ќе ги чува најкритичните здравствени установи

110

Приватна агенција за обезбедување во критичните здравствени установи, мобилни полициски патроли пред старата Градска болница, се дел од договорените мерки утрово на состанокот меѓу министрите за здравство и за внатрешни работи, Венко Филипче и Оливер Спасовски и претставници на здравствените лица, по неколкуте напади врз лекари.

– Најостро ги осудувам нападите. Ова се напади кои немаат никаква логика. Станува збор за здравствени работници кои пожртвувано 24 часа се борат за животите на најблиските на тие кои ги напаѓаат. И во минатото имаше такви инциденти, дури и посегнаа по животот на еден колега со огнено оружје. Апелирам на казнивост на ваквите дела – изјави министерот Филипче, кој потенцира дека се предвидени дури затворски казни за таквите кривични дела.

Поради неможноста да бидат ангажирани војници да ги чуваат клиниките, на состанокот било заклучено дека најдобар и најпрактичен начин ќе биде ангажирање на професионално обезбедување.

– Професионално обезбедување ќе биде ангажирано на четири најкритични места. Едно од нив е старата Градска болница. Тука се слеваат огромен број на случаи. Се случуваат инциденти со алкохолизирани граѓани. Тука често има сообраќајки. Обезбедување ќе го чува и Ургентниот центар при Универзитетската Клиника, клиниките Токсикологија, Кардиологија и секако Клиниката за Психијатрија, која пак има и сопствен механизам за справување со инциденти – вели министерот за здравство.

МВР ќе излезе во пресрет на здравствените установи така што ќе направи мобилни патроли кои ќе патролираат околу старата Градска болница.

Во однос на тоа дали освен за лекарите и за другите здравствени работници законски нападот ќе се третира како напад на службено лице, министерот рече дека и со актуелните законски решенија се предвидени многу строги казни за напад и дека е потребна нивна примена.

– Инволвираните во последните напади се во притвор. Треба да се подигне свеста на населението за строгата казнивост на таквите дела – потенцира министерот за здравство Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...